Репрезентативно засилување: Дарко Соколов една ипол година во дресот на МЗТ Скопје!

Челниците на МЗТ Скопје Аеродром денеска го потврдија тоа што веќе беше најавено, дека македонскиот репрезентативец Дарко Соколов (31 год., 190 см.) во иднина ќе го носи дресот на овој клуб, потенцирајќи дека станува збор за договор во траење од 18 месеци.

Со неговиот ангажман, тренерот Александар Тодоров доби дополнителен квалитет на бековската позиција, што особено ќе му значи во домашните натпреварувања каде што е задолжителен настап на двајца Македонци во секое време од мечевите. Соколов исто така одлично ќе им дојде на „металците“ и во АБА-лигата каде што со две победи и седум порази во моментов се на последното место на табелата.

Станува збор за искусен кошаркар кој имаше играно за екипи како Вардар, АМАК-СП, Струмица, Фени индустри, Работнички и Карпош Соколи од каде што доаѓа во нашите редови. Тој веќе има искуство со настап во дресот на „металците“ и тоа неколку месеци во 2009 година. Неговото деби се очекува на средбата против Цедевита на почетокот од следниот месец.

Од таборот на шампионот истовремено го потврдија крајот на американизацијата во клубот, објавувајќи дека е раскинат договорот со последниот кошаркар од САД, Ерик Гарсија. Тој веќе подолг период е надвор од првиот состав на МЗТ Скопје и беше само прашање на време кога и официјално ќе си замине. Плејмејкерот настапи на седум средби во сино-белиот дрес во АБА-лигата со просек од 11,1 поен, 2,1 скок и 6,1 асистенции.