Радуловиќ со куп-трофејот влезе во историјата на макбаскетот!

Само нешто повеќе од еден месец откако го замени Ѓорѓе Кочов на клупата на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ ги одведе аеродромци до пехарот во Купот на Македонија, а себеси се внесе во историјата на македонската кошаркар влегувајќи во друштво на тренери како Јорданчо Давитков, Емил Рајковиќ, Марјан Србиновски и Александар Јончевски.

Тој е само петтиот стратег во макбаскетот кој триумфирал во куп-натпреварувањето и како играч и како тренер. Радуловиќ во својата ризница има две куп-победи со Никол Ферт, а една со Фени индустри, на кои сега ја придодаде оваа тренерската со МЗТ Скопје. Најтрофеен меѓу нив е Јорданчо Давитков, кој има три пехари како играч, а четири како тренер.

„Задоволството ги покрива сите нервози и стресови од изминатите денови. Во соблекувалната на играчите им кажав дека ако имаме повеќе од 20 поени во транзиција – победувавме. Ние имавме 26 и тоа е тоа. Во комбинација со добра одбрана и секако агресивна игра на целиот терен“, ја коментира финалната победа над Работнички (77-69) предводникот на аеродромци.

Пред Радуловиќ е уште една можност дополнително да влезе во елитно друштво во својата професија, ако со МЗТ Скопје дојде до титулата, со што ќе им се приклучи на Давитков, Рајковиќ, Јончевски и на Ѓорѓи Кочов, кои се единствени досега што почуствувале шампионско славје и како играчи и како тренери.