Работнички во еден ден договори двајца репрезентативци

Најтрофејниот македонски колектив Работнички интензивно работи на екипирање на својот состав, а денеска успеа да договори двајца репрезентативци.

Во Градски парк се селат 21-годишниот Амар Хот и 27-годишниот Дамјан Робев кои треба да ја засилат базата домашни кошаркари во тимот на Работнички. Хот доаѓа по една полусезона помината во тимот на Вардар на кого успеа да му помогне во борбата за опстанок во елитата, додека Робев претходните три сезони ги помина во лутиот ривал на Работнички, МЗТ Скопје со кого освои три шампионски титули и два Купа на Македонија.

Работнички сега има вкупно девет кошаркари во ростерот за претстојната сезона. Покрај Хот и Робев, дојдоа уште Двојаковски, Јовичиќ, Персон и Сикираш, а под договор од минатата сезона се Шошкиќ, Ѓуроски и Ефремовски.