Работнички со тројца нови странци ќе напаѓа плејоф во АБА2 и – двојна круна!

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички, ангажира нови тројца странци, кои ќе треба да го засилат тимот во пресрет на завршницата од АБА2-лигата и двете домашни натпреварувања – првенството и Купот на Македонија.

Станува збор за искусниот словенечки бек, Мирко Мулалиќ (32 год, 195 см), хрватскиот центар Филип Бундовиќ (27 год, 202 см) и Американецот Рајнер Торнтон (25 год, 199 см).

Словенецот сезонава не настапуваше за ниту еден клуб, минатата беше дел од АБА-лигашот, Цедевита Олимпија, а претходно во кариерата има играно за Балкан, Сикс Приморска, Олимпија и Крка. Хрватот, пак, до неодамна беше дел од Цибона, но по тренерската смена во овој клуб не доби шанса во последниоте два дуели од АБА-лигата. Меѓу цибоси беше од 2018 година, а претходно настапуваше за екипи како Бандирма, Шибеник, Приштина, Цедевита и Мителдојчер. Торнтон нема европско искуство, а по настапот за Мемфис универзитетот замина да игра во НБА Џи-лигата и тоа за тимот на Мемфис хасл.

Новите кошаркари доаѓаат на местата на Карло Враговиќ и Девон Вашингтон, кои си заминаа, а ќе им се приклучат на Стефан Балмазовиќ, Демиер Питс и на Михајло Богдановиќ, кој го одигра последниот меч на црвено-белите против Кожув.