Кошаркарите на Работнички далеку потешко од очекувањата се пласира во полуфиналето од Купот на Македонија, чија завршница деновиве се игра во Битола, откако вечерва во третиот четврт-финален дуел беа подобри од ТФТ (75-68).

Центарци долго им ги „кинеа нервите“ на своите навивачи со оглед што триесетина минути беше во негатива во пресметката со градскиот ривал. Популарната Тафта со 12 поени во низа во втората половина од првиот период неочекувано дојде до двоцифрена предност (26-16), а предноста ја зголеми и до плус 14 (39-25) кон средината на втората четвртина. Црвено-белите излегоа посвежи по соблекувалната, каде што сигурно им била одржана лекција од тренерот Горан Самарџиев, па со серија 10-0 направија целосен пресврт и поведоа со 45-44. Потоа следуваше изедначен период со четири промени на водството и исто толку егал-ситуации на семафорот, додека Работнички клучната предност ја обезбеди во финишот од мечот со нова одлична серија, овој пат изразена со 11-1 за огромни 72-62.

Роберт Рикиќ беше најдобриот во победничкиот состав со 23 поени и девет скока, а одлично одиграа уште и стојан Ѓуроски со 14 и Виктор Ефремовски со 13 поени. Ланстон Верц со 13 поени беше најпрецизен кај ТФТ.

Триумфот на тимот од „Градски парк“ значеше и потврда на тоа што сите кошаркарски вљубеници го посакуваа, полуфинален дуел помеѓу вечните ривали Работнички и МЗТ Скопје, кој ќе се одигра утре со почеток во 17 часот.