Кошаркарите на Работнички излегоа како победници од дерби пресметката од 9. коло од Првата лига против Кожув (97-81), во меч во кој константно ја имаа иницијативата и водството.

Центарци уште во првата четвртина со серија 11-0 го сопреа почетниот налет на противникот и дојдоа до првото поопипливо водство (15-8), кое потоа само го одржуваа, а при крајот на средбата и го надградуваат. Домашниот тим одигра колективно, што најдобро се гледа од фактот што дури шестмина завршија со двоцифрен поентерски ефект. Најпрецизни беа Виктор Ефремовски и Хејден Лескот со по 17 поени, Данило Мијатовиќ, Љубомир Младеновски и Бенџамин Двејн реализираа по 16 поени, додека Горан Главчев заврши со 10 поени. Еван Пејн со 27 поени беше најефикасен кај гевгеличани.

МЗТ Скопје, пак, немаше мака во пресметката со Вардар (97-80), натпревар во кој победникот однапред се знаеше, а беше потврден по само неколку минути игра во кои домашниот тим дојде до водство од 15-2. Тренерот на „металците“, Ѓорѓи Кочов, ја искористи шансата да ги одмори носителите на играта, а шанса добија помладите во тимот. Марин Морнар со 18 поени беше прв стрелец кај шампионот, Дамјан Стојановски постигна 18 поени за 19 минути игра, додека Ерон Харис средбата ја заврши со 17 поени, шест скока и седум асистенции. Ајуда Њувес со 34 поени беше најефикасен кај црвено-црните.

Во дербито на дното, Академија ФМП дури во последната четвртина успеа да го скрши отпорот на талентите од МЗТ Скопје Уни Банка (84-79), кои одиграа одличен меч. Младите кошаркари од Аеродром водеа во поголемиот дел од средбата, но снемаа сили во финишот од мечот.

Последните две средби се играат вечерва помеѓу Пелистер и Гостивар, односно помеѓу Куманово и Еуро Никел.