Големиот замор и падот на концентрацијата во последната четвртина е главната причина за поразот на кадетската репрезентација на Македонија во денешната пресметка со Израел (72-83) за конечен пласман на 12. место на Европското првенство (ЕП) во Удине.

Жолто-црвените во последниот период влегоа со плус три (61-58), но снемаа сили и му дозволија на противникот да се размавне и да дојде до триумфот. Ова сигурно е најбезболниот пораз за избраниците на селекторот Дени Дервишевиќ на континенталниот собир во Италија, со оглед што со неодамнешната победа против БиХ беше остварена зацртаната цел, а тоа е опстанок во елитната конкуренција.

Филип Наков со 20 поени и девет скока беше најдобар во нашиот тим, Андреј Митевски постигна 11 поени додека Резарт Мемед и Марин Петков реализираа по десет поени.

Македонија првенството го заврши со две победи во седум меча, па и следната година ќе игра во друштво на најдобрите.