Поради еден позитивен на Ковид-19, КФМ ќе го одложи – целото првенство?!

Кошаркарските прволигаши в понеделник ќе имаат итен состанок на кој ќе се разговара исклучиво за стартот на новата сезона, која, според последните неофицијални најави, нема да почне следниот викенд, туку ќе биде пролонгирано најмалку за седум дена.

Позитивниот тест на Американецот од таборот на Работнички, Демиер Питс, е причината поради која од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на собирот на клубовите ќе го дадат предлогот за одложување на стартот. Сите останати во тимот имале негативен тест, но морале да заминат во изолација по контактите кои ги имале со американскиот плејмејкер, нешто што, според неофицијални извори, ќе се избегнело ако Куќата на кошарката го имала испратено најновиот Протокол за Ковид-19 на одобрување во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Но, тоа, наводно, не било направено, поради што целиот тим од „Градски парк“ нема да може да тренира најмалку десетина дена по добивањето на решението за изолација.

Примерите во останатите спортови, пред се ракометот и фудбалот, се позитивните на Ковид-19 да се третираат како повредени играчи, додека останатите, ако имаат негативен тест, можат слободно да тренираат и настапуваат. Но, овие федерации имаат одобрени од ИЈЗ протоколи, поради што не им се изрекува мерка за самоизолација на тие што биле во контакт со заразениот. Најдобар пример за ова е РК Вардар, каде што капитенот Стојанче Стоилов се имаше Ковид-19 и тоа пред фајналфор-турнирот од СЕХА, но тој само беше тргнат на страна, а сите други, откако добиле негативен тест, си продолжиле со тренажниот и играчкиот процес.

На состанокот на клубовите в понеделник ќе биде претставена и идејата сезоната да почне со турнирски систем во т.н. „балон“, кој првично би се одиграл во Скопје. Засега ова е голема непознаница на клубовите, пред се поради организацискиот аспект, односно фактот кој би ги платил трошоците за подолгиот престој во хотел на сите екипи, но и за тоа кој би гарантирал дека во овој т.н. „балон“ не би имало надворешно влијание. Дали во популарно наречениот „меур“, кој сигурно би траел најмалку две недели, би се нашле и официјалните лица на средбите, како судиите, делегатите, статистичарите, луѓето што ќе ги реализираат телевизиските преноси, новинарите, фоторепортерите, па и вработените во хотелите каде што ќе бидат сместени кошаркарите.

Сето ова наметнува многу непознаници, за кои клубовите ќе побараат одговор од челниците на КФМ на состанокот в понеделник. Првенството треба(ше) да почне на 3 октомври со големото дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје.