Награда за добрите резултати: Илиевски уште две години на клупата на Пелистер!

Еден од најдобрите македонски тренери во моментов, Марјан Илиевски, само еден ден по крајот на регуларниот дел од домашното првенство го обнови договорот, односно се обврза дека ќе седи на клупата на битолчани до јуни 2024 година.

Потпишувањето на новиот двегодишен договор денеска беше официјализиран од страна на зелено-белите, кои сезонава во плејофот влегуваат од втората позиција и во полуфиналето ќе ги одмерат силите со Еуро Никел.

„За мене најголема победа изминативе две години во кои сум на клупата на Пелистер е препознавањето на публиката на тоа што го работиме, со оглед што клубот стана фактор во македонската кошарка и сите имаат респект кон тоа што се работи во Битола. Заслужуваме да играме финале, а и градот заслужува таков успех. Како што градот препозна и ни дава целосна поддршка, верувам дека и тие што постојано нè критикуваат, ќе продолжат да нè критикуваат, бидејќи тоа ни дава уште повеќе мотиви во плеј-офот“, изјави Илиевски.

Веста за продолжување на соработката со тренерот ја потврди и спортскиот директор на зелено-белите, Мартин Јовановски.

„Одамна си ги знаеме плановите и патот по кој треба да се движиме, а незамисливо е тој процес да продолжи без човекот кој го изгради составот со кој е во самиот врв на македонската кошарка. Со продолжувањето на договорот со Илиевски за уште две сезони покажуваме стабилност и амбициозност. Се надевам дека оваа вест ќе ги израдува вистинските љубители на кошарката и своето задоволство ќе го покажат на нашите натпревари во спортската сала 'Боро Чурлевски' во Битола“, рече Јовановски.

Пелистер првиот полуфинален меч од серијата против Еуро Никел ја почнува в петок на домашен терен.