МЗТ со предлог до КФМ: Ајде да играме во јуни и на терен да решиме кој е најдобар!

Во пресрет на клучниот состанок на Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на кој треба да се решава за судбината на Првата лига, пред сѐ во делот дали ќе има шампион или испаѓање, актуелниот првак МЗТ Скопје излезе со конкретен предлог како смета дека треба да се доигра сезоната.

Аеродромци се цврсти на ставот дека треба да има шампион за 2020 година, а ако Перо Антиќ и неговите соработници не сметаат дека предвреме може да го прогласат најдобриот тогаш, како што велат од „Јане Сандански“, во месец јуни да се одигра скратена верзија на плејоф со екипите кои би играле во Суперлигата.

Соопштението на МЗТ Скопје ви го пренесуваме во целост.

„Со оглед на неодамнешните изјави на претседателот на КФМ, Перо Антиќ, дека шампион се станува само на терен, управата на МЗТ Скопје денеска испрати конкретен предлог до Куќата на кошарката со начинот на кој сметаме дека би можело да се дојде до нов шампион и тоа во период од само еден месеџ.

Согласно трендот на намалување на пандемијата со коронавирусот и најавите за нормализирањето на животот во државата, наш став е дека во текот на јуни може да се одигра скратен плејоф со екипите кои обезбедија пласман во Суперлигата. Во четврт-финалето би играле екипите 3-6 и 4-5 до две победи, додека двете првопласирани екипи би биле слободни. Во полуфиналето би се сретнале лидерот на табелата со победникот од 4-5, додека второпласираниот со победникот 3-6, во серија до три победи. Победниците би се нашле во големото финале, кое исто така би се играло до три победи. Сите средби би се играле дома и на гости, а дали ќе има публика зависи од проценката на државните органи.

Екипите би настапиле само со домашни кошаркари, бидејќи странците многу тешко би дошле поради затвореноста на границите и задолжителниот карантин, поради што предлагаме мини-преоден рок од 15 до 31 мај во кој прволигашите би се докомплетирале. Згора на тоа, наш став е дека најнапред треба да се одигра и последното 18 коло од Првата лига за да се одредат стартните броеви на екипите пред доигрувањето со оглед на малата додовна разлика помеѓу тимовите. Нашиот предлог предвидува и одредено пролонгирање, ако тоа биде потребно, со тоа што предложените датуми би се поместиле за периодот кој ќе биде одреден за подоцнежен старт на доигрувањето на кошаркарската елита.

Со ова би се задоволиле желбите и ставовите на поголем број клубови искажани изминатиов период дека првакот се добива на терен, нешто што и претседателот Антиќ го потенцира во повеќе наврати. Од челниците на КФМ бараме нашиот предлог да биде презентиран пред клубовите како и пред членовите на Управниот одбор на првиот следен состанок“, велат аеродромци.

Првата лига се прекина кон средината на март поради пандемијата со коронавирусот и тоа на едно коло пред почетокот на Суперлигата. Во моментот на прекинот, МЗТ Скопје е првопласиран со учинок 14-3, со две победи пред најблиските конкуренти, Работнички и Гостивар.