Клубовите бараат од КФМ првенството најитно да почне – нормално или во балон!

Кошаркарските прволигаши на денешниот неофицијален состанок донесоа заеднички став за тоа дека првенството мора да почне во најитен рок, без разлика дали тоа ќе биде на нормален начин со играње дома-гости или, пак во т.н. „балон“ односно турнирски по неколку кола во еден град и иста сала.

Ако предводниците на макбаскетот, во договор со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Комисијата за заразни болести (КЗБ), решат дека не постојат услови за нормално играње, тогаш треба заедно со клубовите да седнат на иста маса и да се направи договор за тоа каде би се организирал „балонот“ како и да се направи елаборат за трошоци.

Идејата за турнирско играње први ја промовираа луѓето од КФМ уште пред првиот старт на шампионатот кој требаше да биде на почетокот од октомври, но тогаш прволигашите беа децидни дека не сакаат да играат така. Но, секојдневниот голем број новозаразени со Ковид-19 во државата и сѐ поголемиот број позитивни во клубовите, полека го менуваат мислењето на прволигашите, кои сега се отворени за сите опции, со единствена цел што побрзо да се почне со играње кошарка.

Секако, сето ова би било возможно само со здравствен протокол прифатен од ИЈЗ и КЗБ, во кој би било наведено тоа што и претходно беше идеја на луѓето од кошарката, а тоа е третирање на позитивните со коронавирусот како повредени. Така би се правело сѐ додека нема повеќе од тројца заразени по клуб, а ако се случи тоа, тогаш целиот тим ќе мора да замине во изолација.

Истовремено, клубовите интерно се договориле дека со оглед што новата сезона во Првата лига сѐ уште не е почната, кошаркарите да бидат исплаќани со 25-отсто од нивните договорени примања сѐ додека не почне првенството.