КФМ усвои стратегија за оправање на кошарката - ќе се гради систем за трајна вредност!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска ги објави главните насоки за реформа во македонската кошарка, како за младинските така и за сениорските натпреварувања во машка и женска конкуренција, со цел за системски развој, фер натпреварување и финансиска дисциплина кај клубовите.

Во машката конкуренција, Првата лига – сега под името Супер лига – ќе се скрати на 10 екипи од сезоната 2026/27, откако во наредната ќе стартува со 12 тимови. Во ова натпреварување клубовите ќе имаат право да регистрираат до четворица странски кошаркари, од кои тројца ќе можат истовремено да бидат на терен во регуларниот дел од сезоната, а без ограничување во плеј-офот. Во поранешната Втора лига (по ново Прва лига) ќе биде дозволен настап на еден странски играч по тим, нешто што постоеше во минатото, а ќе се натпреваруваат 12 екипи, од кои дел ќе добијат покани само доколку ги исполнат лиценцните услови.

КФМ најавува и воведување на построга финансиска и организациска контрола за сите клубови. Пријавувањето за учество во сениорските лиги ќе се одвива од 7 до 11 јули, а во втората фаза, клубовите ќе треба да достават комплетна документација, да ги регистрираат играчите и тренерите, како и да ги подмират сите обврски кон федерацијата. Само тие што ги исполнат сите критериуми ќе добијат лиценца и медиумска поддршка - без исклучоци.

Кај дамите, бројот на екипи во Првата лига останува на осум, со право на тројца странски играчи (двајца истовремено во игра). Втората женска лига ќе остане отворена за сите нови екипи и ќе функционира со посебни лиценцни правила.

Федерацијата најавува и реактивирање на младинската М20 машка лига, која ќе служи како развоен мост до сениорскиот состав. За женската конкуренција, ваква лига нема да има поради природната интеграција на кошаркарките од 19–20 години во сениорските тимови.

„Реформата не е закана, туку шанса. Време е да се изгради систем – не за моментален успех, туку за трајна вредност“, порачуваат од КФМ.

Од Куќата на кошарката нагласуваат и дека новите стандарди ќе важат еднакво за сите и дека крајната цел е долгорочна стабилност, сериозност и поголема вредност на македонската кошарка на сите нивоа. Целата стратегија може да ја прочитате ТУКА.