Гром од ведро небо: Амбициозниот АВ Охрид наместо да се бори за трофеи – ЗГАСНА!

Екипата на АВ Охрид летово беше една од најамбициозните на кошаркарскиот пазар, и со речиси целосна реконструкција на тимот и со нов тренер, Марјан Илиевски, најавуваше атак дури и за некој од трофеите, но денеска шокантно – згасна.

Информациите од градот крај Охридското езеро велат дека сосптвеникот на екипата, Милчо Донески решил да го затвори клубот, откако увидел дека не може сам да го издржи финансискиот товар, без помош на градот, федерацијата и државата. Веќе е испратен допис до Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) со информација дека „рибарите“ нема да играа во претстојната сезона, иако беа ждребани и за само пет дена требаше да играат против Кожув во дербито на првото коло од новата сезона.

„Бевме шокирани од веста. Ни ја пренесоа луѓето од клубот со оглед што газдата е во САД. Ние играчите сме во ептен лоша позиција сега, да бараме клуб на пет дена пред стартот на сезоната. Ништо не навестуваше вакво нешто, трениравме, игравме средби и надвор од Македонија. Но, тоа е реалноста. Вечерва имаме состанок со управата што е во Охрид па ќе видиме што и како ќе се одвива во иднина. Јасно е дека сме слободни кошаркари кои сега можат да потпишат за било кој клуб“, ни изјави едно од новите засилувања на АВ Охрид летово.

Охриѓани во пресрет на новата сезона потпишаа со искусни домашни кошаркари како Марјан Младеновиќ, Игор Пенов, Александар Штерјов, Адем Мекиќ и Војче Левкоски, а ангажирани беа и добро познатите српски интернационалци Игор Мијајловиќ и Данило Мијатовиќ, заедно со Американецот Маркус Џексон. АВ Охрид е вториот клуб финансиран од приватни пари кој згаснува во кус период, откако пред неколку месеци Првата лига остана без Блокотехна. Сега на челниците на КФСМ е да решат дали лигата ќе продолжи со 10 тима или, пак, ќе биде дадена шанса за пополнување за екипите кои веќе пројавија интерес, Ангели и Шкупи.