Горан Главчев е првото засилување за новиот Работнички!

Доскорешниот бек на Блокотехна, Горан Главчев (26 год, 191 см), е првото официјално засилување за Работнички во пресрет на новата сезона, откако денеска официјално го парафира договорот со најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.

Станува збор за бек-шутер, кој е еден од само четворицата кошаркари кои во домашното првенство оствариле трипл-дабл ефект. Главчев во најголем дел од кариерата настапуваше за Кожув, додека последните две ипол сезони ги мина во дресот на амбициозниот тим од Негорци.

„За мене е голема чест и гордост е да се настапува за клуб како Работнички. Тоа истовремено е и голема обврска, како за мене така и за сите останати кои се дел од овој трофеен колектив. Тоа што во моментов можат да го ветам е максимална сериозност и посветеност кон сите обврски кои ќе ги имам во црвено-белиот дрес“, ни изјави Главчев.

Тој е прва аквизиција за новиот тренер на центарци, Димитар Мираковски, кој добива шанса да ја предводи екипата додека Марин Докузовски ќе ја има улогата на шеф на стручниот штаб. Дебитантот на клупата го чека тешка задача да направи целосна реконструкција со оглед што пензионирање најави и вториот ветеран во тимот, Ѓорѓи Чековски.

Без договор се и Бојан Крстевски, Димитар Караџовски, Марјан Јанески и Бобан Стајиќ, што значи дека Мираковски ќе треба во следниот период да го склопи целиот мозаик во кој првата сигурна коцка е Главчев.