Кошаркарите на Работнички дојдоа до значајна победа во вечерашната дерби-пресметка со Еуро Никел (76-74), обезбедена на крајно драматичен начин и тоа со кош на најновото засилување, Американецот Ерик Питс, на само две секунди до крајот

Со овој триумф, центарци се искачија на делба на втората позиција на табелата, заедно со Гостивар со учинок 11-4 односно со една победа помалку од лидерот МЗТ Скопје во пресрет на тринеделната пауза поради настапот на репрезентацијата на Македонија во квалификациите за ЕП 2021.

Ова беше максимално изедначен натпревар во кој екипите седум пати се менуваа во водството, а дури 15 пати резултатот на семафорот беше изедначен. Новиот Американец дефинитивно беше јунакот во црвено-белиот табор и тоа не само поради победничкиот кош на крајот, туку и поради осумте поени во серија на стартот од последната четвртина, со која неговиот тим се врати во игра за триумф по највисоката предност на кавадарчани од пет поени (50-55).

Работнички во последните сто секунди влезе со своја највисока предност од пет поени (72-67), но противникот со мини-серија 7-2 дојде до последното, 15-то изедначување, со кошот на Александер Марзет на седум скунди до крајот и тоа по офанзивен скок. И кога присутните во „Градски парк“ помислија дека ќе има продолжение, тренерот на центарци, Димитар Мираковски, на тајм-аут им ја кажа победничката акција на своите играчи, која беше егзекутирана од страна на Питс.

Најефикасен во победничкиот тим беше репрезентативниот центар Љубомир Младеновски со 17 поени и девет скока, додека одлично одигра уште и Данило Мијатовиќ со 14 поени и седум скока и секако јунакот Питс со 13 поени за 20 минути игра. Ѓорѓе Каплановиќ со 21 поен беше најефикасен кај Еуроникел.

Претходно денеска, МЗТ Скопје рутински ја совлада Академија ФМП (71-66), вчера Куманово и Пелистер беа подобри од Кожув односно Вардар, додека завчера Гостивар лесно дојде до бодовите против МЗТ Скопје УНИ Банка.

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 12-3, Работнички 11-4, Гостивар 11-4, Кожув 10-5, Еури Никел 10-5, Куманово 9-6, Пелистер 7-8, Академија ФМП 3-12, Вардар 2-13, МЗТ Скопје УНИ Банка 0-15.