Кожа ни се ежи од ваква Македонија!

ВЛАДКО АРСОВ

Македонскиот спорт доби нова неизбришлива лузна и тоа токму од репрезентацијата од која последно би очекувале колосален кикс. Поразот на ракометарите од Грција (26-28) го потопи името на Македонија во срам, веројатно, подлабоко од тој на фудбалерите од Андора (2004) и на кошаркарите од Косово (2017).

Боли на неколку нивоа! Прво како пораз од репрезентација која не значи ништо во ракометот, наспроти нашето стабилно реноме во Европа и во светот веќе цела деценија. Второ затоа што е баш од Грците, нацијата која се наоѓа на долниот дел од табелата меѓу најомилените на нашиот народ, а особено во овој период од постоењето. На крај, боли затоа што се распрсна идеалот за нашите спортски херои. Ако некој го чуваше образот на Македонија во меѓународната арена тоа беа ракометарите, вид во истребување на нашата јавна сцена, кој последен успева(ше) да го собере народот на едно место од ќеф, не од инает, омраза или незадоволство.

Да бевме машини без емоции, прагматични и рационални, ќе умеевме да речеме „не ни падна круната“ со еден пораз и тоа во квалификации кои и онака имаат широко отворени порти кон ЕП. Ама не сме! Поразов дури и да се покаже безболен во финалниот есап на табелата, во ова парче од времето пече до коска.

Зошто? Кажа капитенот уште во четвртокот во Битола: „Ако играме вака нема што да бараме на Мундијалот во Германија кој нѐ чека во јануари“. Тоа е уште еден слој на болката: Ајде нека ја Грција, нека го резултатот, но што со нашата репрезентација? Зарем ова е играта и иднината на Македонија? Па нас ако  успеа да нѐ казни Грција, што ќе ни прават Шпанија и Хрватска во Минхен?

Ова се прашања кои легитимно си ги поставува обичниот гледач како најблага форма на казна. За него е необјасниво како може репрезентацијата која минатиов јануари ја победи Словенија и ремизираше со Германија сега да изгледа неповрзано на теренот дури и против една Грција. Поминаа четири месеци од последниот собир, кога го добивме баражот со Романија и сега што ли се смени - селекторот е тој, ракометарите се исти?

Неприфатливо е ако причината е недостаток на мотивација – не против овој ривал. Несериозно е ако проблем се дисциплината и борбеноста, бидејќи три дена претходно имавме бесплатна лекција во Битола. Белки поминаа годините кога шансите за успех ни се претвораа во лекции и поуки за иднината. Во фаза сме кога зрелата генерација презрева и полека си оди, а новата треба што е можно побезболно да се приземји на стабилни нозе. Натпреварите како овој во Кожани, па добар дел и од тој во Битола, носат само потрес на вербата во себе и пукнатини во тимската хармонија.

Ако е можно да се извади некој не толку мрачен агол на целава ситуација, тогаш тоа ќе биде оптимизмот дека овие детски болести ќе ги прележиме во квалификации кои нудат простор за грешка и во група која е релативно лесна. Ако овие „сипаници“ уште ни циркулираат низ крвотокот на репрезентацијата и на СП во јануари, е дури тогаш ќе се чешаме каде што не нѐ јаде.