Македонецот Тренески на култната „Ред Бул“ патека го почнува патот кон Ф1-циркусот (ВИДЕО)

Македонскиот автомобилист, Стефан Тренески, викендов ја започнува својата дебитантска сезона во Формула 4 шампионатот, во рамките на ЦЕЗ дивизијата за Централна и Источна Европа.

Првите возења од новата сезона ќе се одржат викендов на култната патека „Ред Бул Ринг“ во Австрија,на која се возат трки од Формула 1-шампионатот, кој е крајна цел на Македонецот. Конкуренцијата е исклучително силна, со вкупно 45 возачи, поради што натпреварувањето ќе се одвива во три групи. Секој натпреварувач ќе има по две трки, а најдобрите 32 ќе обезбедат место во главната трка, која е закажана за недела попладне.

Сите сесии ќе траат по 25 минути и ќе бидат достапни во живо преку Јутјуб каналот на шампионатот Формула 4 ЦЕЗ, што им овозможува на љубителите на мотоспортот да го следат настапот на македонскиот претставник. Тренески веќе го претстави и својот болид за новата сезона, во која ќе настапува за тимот ЈМТ Рејсинг. На возилото, покрај стандардните спонзорски обележја, јасно е истакнато и македонското знаме, поставено на задниот дел од болидот.

Сезоната во Формула 4 опфаќа вкупно шест тркачки викенди, од кои два ќе се возат на патеки што се користат и во Формула 1, што претставува дополнителен предизвик, но и можност за докажување на младите возачи.