Квартараро ќе стартува прв во Португалија, по поништеното време на Бањаја

Фабио Квартараро дојде до својата 11-та пол-позиција во кариерата во Мото ГП, откако времето на Франческо Бањаја беше поништено за време на денешните возбудливи квалификации во Португалија. 

Французинот со својот мотоцикл Јамаха постави рекорд на патеката „Алгарве“ со време од 1:38,862 минути пред Алекс Ринс (Сузуки) и Жоан Зарко (Дукати Прамац). Повратникот во Мото ГП, Марк Маркез во првите свои квалификации по девет месеци пауза го освои шестото место. 

Најголем губитник денеска беше Франческо Бањаја. Мотоциклистот на Дукати всушност постави најдобро време во квалификациите, но неговиот круг беше поништен, бидејќи откако мина низ целната рамнина не го забави мотоциклот при истакнати жолти знамиња поради излетувањето на Оливеира. Стујардите го поништија неговото време и утрешната трка ќе ја стартува од 11-тата позиција.