Грожан лани избегна смрт во Ф1, па годинава ќе вози во Индикар

Францускиот возач Роман Грожан, кој лани преживеа хорор и избегна смрт во Бахреин, откако му експлодираше болидот, ќе продолжи да се трка, но не во Формула 1, туку во Индикар.

Во оваа 2021 година, Грожан се пресели во друго натпреварување, па ќе вози за тимот Дејл Којн Рејсинг. Одлуката да вози во Индикар, доаѓа после два месеци од тешката несреќа во која за среќа мина само со изгореници на рацете и нозете. Тој претходно остана без тим, откако Хас Ф1 најде други возачи, ама после инцидентот неговите деца не сакале повторно да вози во најбрзиот автомобилски циркус.

По несреќата во Бахреин, Грожан поради повредите на рацете повеќе не возеше во Ф1.

„Прво тие (децата – н.з.) не сакаа воопшто да се тркам, ми рекоа да баран друга работа, било каква, од тенисер, уметник, инжинер, кувар... Било што. Но, тркањето е мој живот и тоа ме прави среќен“, вели Грожан.

Тој во Бахреин после еден ситен судир при голема брзина заврши во заштитната ограда, а од ударот, болидот се преполови, па експлодираше. Цели 30 секунди, Грожан бил заробен во огнената стихија, по што излегол и за чудо поминал само со изгореници.