„Дефинитивно не е време за егоизам и тактички игри во Формула 1“

Поради ситуацијата со коронавирусот, неизвесен е почетокот на новата сезона во Формула 1, а се очекува наскоро да биде донесена конечна одлука за тоа преку видео-конференцијата која ќе ја одржат тимовите, раководството и ФИА.

Извршниот директор на Ферари, Матија Биното, смета дека италијанскиот тим е подготвен да ја поддржи иницијативата за одложување на преминот кон новата техничка регулатива закажана за 2021 година.

Ќе одржиме видео конференција и ќе разговараме за ситуацијата со другите тимови, ФИА и Ф1. Треба да разгледаме како ќе влијае сегашната состојба и оваа сезона и следната. Ние мора внимателно да ги процениме сите аспекти и да разбереме дали вреди да се одложи воведувањето на нова техничка регулатива, закажана за 2021 година. Во секој случај, Ферари е подготвен да преземе одговорност и да направи избор во интерес на спортот. Сега дефинитивно не е време за егоизам и некој вид на тактички игри, изјави Биното.