Важна информација за сите вардарови навивачи што имаат блок-билети за Лига Европа

Македонскиот шампион Вардар објави денеска за сите навивачи кои купиле блок-билети за претстојните мечеви во Лига Европа, дека на Националната Арена „Филип Втори“ в четврток на европското деби (21.05 часот) ќе може да се влезе со ваучерите.

Вардар десет дена продаваше блок-билети за Лига Европа и сите што купија такви влезници за трите меча добија ваучери, кои треба да ги заменат со пластифицирани картички. Сега, Вардар информира дека замената за пластифицираните влезници ќе се врши по мечот со Зенит.

„Би сакале да ги информираме дека сите кои поседуваат ваучери кои ги добија при купување на блок билетите за натпреварите од Лигата на Европа, ќе можат со истите да влегуваат на натпреварот со Зенит кој што ќе се игра во четврток (14 септември). Меѓутоа потоа ваучерите ќе мора да ги чуваат и да ги заменат со пластифицирани картички. Дополнително ќе следува информација кога точно ќе се заменуваат ваучерите со електронски картички. Ваучерите за блок билети за натпреварите од Лигата на Европа се продаваа до недела, а од вчера почна продажбата на единечни билети за мечот со Зенит во четврток. Исто така би сакале да информираме дека при купување на билети за малолетни лица, ќе треба да се поседува дополнителна идентификација (ученичка или здравствена книшка), или лична карта од родител/старател“, се вели во соопштението на Вардар.