„Вардар ќе биде мотивиран, Зенит не смее да ги потцени Македонците“

Алексеј Игонин е поранешен фудбалер на Зенит, првиот вардаров противник на европското деби на црвено-црните во Лига Европа. Игонин играше осум години за Зенит од 1995 до 2003, има речиси 200 меча во синиот дрес, бивш капитен е на тимот од Санкт Петербург, каде што е роден и има два меча за националната репрезентација.

Игонин е стручен коментатор за медиумите од бившата руска престолнина, а во пресрет на гостувањето на Зенит во Македонија, на отворањето на новата сезона во Лига Европа (задутре од 21.05 часот на Националната Арена „Филип Втори“), смета дека неговиот поранешен клуб има капацитет и за полуфинале во ова натпреварување, ама на дуелот во Скопје ќе му биде многу тешко против црвено-црните.

„Јас се надевам на победа, ама многу ме загрижува статусот на протвникот. За жал, Вардар не е баш име што ќе го предизвика Зенит. Ако Зенит се соочеше со клуб со сериозно европско име, расположението ќе беше поинаку, а јас се плашам дека против шампионот на Македонија нема да биде така и дека 'сините' ќе имаат многу тешкотии во Скопје. Второ, многу е важна ротацијата на играчи, а Манчини не ја користи во потполност. Од десно на Смолников алтернатива е Анјуков, на лево ретко го гледаме Жирков. Го случам Манчини вели тимот нема доволно 'вработени'. Состав со 85 милиони евра потрошени пари не може да биде недоволен. Значи дека треба да се користат и резервите што ги имаш“, вели Игонин.

Според бившиот капитен на Зенит, рускиот тим го очекува силно мотивиран тим, кој ќе има поддршка од публиката и фактот дека Вардар успеа да мине гигант како Фенербахче.

„Вардар ќе има мотивација и поддршка од навивачи. Плус, Македонците имаат позитивно искуство на домашен терен досега во Лига Европа, го минаа моќниот Фенербахче. На Зенит ќе му биде многу тешко, а мене посебно ме интересира и тоа е главно прашање, дали зенитовци ќе го издржат големиот притисок во Скопје. Зенит има тим што ветува, потенцијалот на овој тим е полуфинале. Тешко некој дека би ме разубедил оти нема шанси и да го освои трофејот. Но, прво мора да се мине групата. Понекогаш кога мислите дека е лесно, излегува поинаку. Така беше и минатата сезона, Андерлехт го сметавме за добра опција, а се испостави дека приказната заврши тажно“, додава Иногин.

Два меча во низа Зенит не може да даде гол, а според екс-дефанзивецот реализацијата е проблем, но и фактот што многу базно игра неговиот поранешен клуб.

„Алармот треба да биде вклучен, затпа што имате играчи како Кокорин, Друиси, Полоз, Џиуба. Против Динамо во вториот дел имаше многу шанси, но мора да има голови. Поентата во реализацијата е свежината. Мене Зенит ми личи како на суров тим, сè уште неизбрусен“, вели Иногин.