ВАР анимацијата и ТВ сликата не се совпаѓаат: Погрешија ли судиите за голот на Барселона? (ФОТО+ВИДЕО)

Фудбалерите на Барселона вчера во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите ја совладаа Борусија Дортмунд со 4-0 и така практично го обезбедија полуфиналето, но по натпреварот контроверзии предизвика првиот гол на каталонската екипа.

Барселона поведе во 25. минута кога по нафрлувањето на Фермин Лопез топката дојде до Кубарси кој шутираше од пет метри, а Рафиња од пред гол линијата ја турна во мрежата.

Судиите во ВАР собата Денис Хиглер и Клер Руперти ја прегледуваа ситуацијата две минути и на крај заклучија дека Бразилецот не е во офсајд.

Со оглед дека во Лигата на шампионите се користи технологија на полуавтоматски офсајд на ТВ екраните се појави анимација која прикажа дека Рафиња е во дозволена позиција.

Но, многумина сметаат и дека судиите погрешиле. Прво, потребно им беше многу време за да проверат, а полуватмоскиот офсајд речиси во реално време ги одредува позициите на фудбалерите и моментот кога напаѓачот го има последниот контакт со топката.

Но, исто така ТВ кадарот и анимацијата на полуавтоматскиот офсајд не се совпаѓаат. Имено, ВАР анимацијата покажува дека левата нога на Рафиња е на линијата на петерецот, додека на ТВ снимката се гледа дека Бразилецот е внатре и не ја допира линијата. Поради тоа се смета дека таа анимација е направена неколку милисекунди порано.