Сејдини го злоупотреби Чеферин пред Изборното Собрание на ФФМ?

Првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини, вчера имал средба во Нион со предводникот на европскиот фудбал, Александар Чеферин, по што двете страни лиферуваа соопштенија до јавноста, од кои тоа на македонската Куќа на фудбалот може да се сфати како искористување на можноста за собирање поени на домашна сцена во пресрет на Изборното собрание на македонската Куќа на фудбалот.

Како поинаку да се сфати фактот што самиот Сејдини во својата изјава прераскажува што, наводно, му кажал Чеферин на состанокот, нешто што самиот Словенец воопшто и не го споменува во изјавата дадена за официјалниот сајт на УЕФА.

„За нас е многу значајно што УЕФА и претседателот Чеферин даваат безусловна поддршка на ФФМ во организацијата на Изборното собрание, напоменувајќи дека истото мора да биде независно и без влијание. Во изборот на ново раководство на ФФМ не може да влијае ниту УЕФА ниту ФИФА, како што не може да влијае ниту политиката. Тоа би било спротивно на статутите“, прераскажува Сејдини што, наводно, му кажал првиот човек на европскиот фудбал.

Но, самиот Чеферин во својата изјава воопшто не ги ни споменува претстојните избори на ФФМ и начинот на кои тие треба да се одржат.

„Воодушевен сум од големите чекори што ФФМ ги направи во последните години под водство на Сејдини. Како држава почнавте да ги бележите сите придобивки од вашите заложби во последните години - од пласманот на репрезентацијата до 21 година на Европското првенство во Полска 2017 година, па до А репрезентацијата која се пласираше на завршниот турнир за првпат во историјата“, е изјавата на претседателот на УЕФА.

Нејасно во целата оваа ситуација е ако Чеферин навистина дал „безусловна поддршка на ФФМ во организацијата на Изборното собрание“, тогаш зошто тоа не го кажал самиот во својата изјава. И, зошто Сејдини морал да ги прераскажува зборовите на Словенецот, во ситуација кога и службата за односи со јавноста на УЕФА издаде официјално соопштение за средбата.

Од сето ова се наметнува заклучокот дека сето ова е направено со цел да се искористи можноста за собирање поени на „домашен терен“ во војната со Агенцијата за млади и спорт (АМС), која од актуелната власт на ФФМ бара да го промени Статутот и да го усогласи со Законот за спорт. Државата бара клубовите да имаат право на глас, наместо фотелјашите од општинските фудбалски сојузи, кои уживаат невидени привилегии, какви што немаат делегатите во собранијата во ниту еден друг спорт во државата.

Изборното Собрание на ФФМ сѐ уште не е закажано, но се очекува тоа да биде направено наскоро.