Се повреди Новак - еден од клучните играчи во вардаровата одбрана

Македонскиот шампион Вардар нема да смета на услугите на стандардниот стопер за утрешниот меч со Зенит на дебито на големата сцена во групите во Лига Европа на Националната Арена „Филип Втори“ (21.05 часот), откако на тренинг се повреди украинскиот интернационалец Евгениј Новак.

Новак беше стандарден на сите мечеви на Вардар во европските квалификации, прво во ЛШ, а потоа и за Лига Европа и сега поради повреда ќе мора да го прескокне дебито на црвено-црните во Лига Европа. Украинецот не играше на последниот меч за Вардар против Силекс во саботата во триумфот со 3-1.

Чедомир Јаневски ќе мора сега да најде нов партнер на Грнчаров, а импресивни настапи имаше Дарко Велковски, кој го менуваше капитенот во Истанбул (Грнчаров беше суспендиран), а завршните 25 минути ги одигра и Висар Муслиу, кој пак одлично се снајде и како дебитант во репрезентацијата на двата квалификациски мечеви со Израел (1-0) и Албанија (1-1).