Русите добро знаат кој е Вардар - пред 14 години падна големата ЦСКА (ВИДЕО)

Еден од најголемите руски клубови во последната деценија, Зенит од Санкт Петербург, кој го освои трофејот во Купот на УЕФА во 2008 година е петтиот руски клуб што ќе се соочи против македонска екипа на европска сцена, вечерва (21.05 часот) на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје, на дебито на црвено-црните во групите од Лига Европа.

Македонија во досегашните четири двомечи само еднаш има победено тим од најголемата држава на светот и тоа гигантот и вториот најторфеен клуб во Русија – ЦСКА Москва. Тој тим во моментов „тежи“ 13 шампионски титули, 12 купови, шест суперкупови и еден Куп на УЕФА. Русите добро го паметат Вардар и добро знаат кој се црвено-црните од Македонија, затоа што пред 14 години, вардарци ја направија најголемата сензација победувајќи го тогашниот руски првак среде Москва со 2-1, а таа победа ги донесе на чекор до пласман во гркупите во Лигата на шампионите. На реваншот Вардар со реми 1-1 го завери пласманот во следната рунда каде што беа елиминирани од Спарта Прага.

Пред 14 години (30 јули 2003 година), Вардар ја клекна на колена ЦСКА, која според квалитетот, буџетот и условите што ги имаше беше ист фаворит, како што во моментов е Зенит споредено со црвено-црните. Зенит во Скопје доаѓа како петкратен првак на Русија, четирикратен освојувач на Купот, петпати го освои суперкупот на Русија, има еден трофеј од Купот на УЕФА, а победи и во европскиот Суперкуп. Вардарци против ЦСКА тогаш не се исплашија и направија сензација, па нема причина зошто по повеќе од една деценија истото да не се повтори, со тоа што сега првиот дуел од руско-македонската пресметка се игра во Скопје.

Во досегашните четири пресметки на руски и македонски клубови, интересно, четири пати мечевите во Македонија завршиле со ист резултат – без победник 1-1. Од друга страна, трипати Русите успевале да го минат македонскиот тим „на мускули“, а најубедлив триумф е тој на Локомотив Москва против Работнички со 2-0 и тоа остварен откако дебармалци во 2005 година на 20 минути пред крајот промашија пенал.

СИТЕ МАКЕДОНСКО-РУСКИ ПРЕСМЕТКИ

1999 (Интертото, 2. коло) – Цементарница – Ростелмаш 1-1 (дома), 1-2 (гости)

2003 (ЛШ, 2. коло квалиф.) – Вардар – ЦСКА М. 2-1 (гости), 1-1 (дома)

2005 (ЛШ, 2. коло квлиф.) – Работнички – Локомотив М. 1-1 (дома), 0-2 (гости)

2016 (Лига Евтопа, плејоф) – Работнички – Рубин Казан 1-1 (дома), 0-1 (гости)

СКОР: 1 победа – 4 нерешени – 3 порази; ГОЛ-РАЗЛИКА – 7:10