Почнува супер фудбалскиот август - елитниот фудбал вечерва се рестартира со Лига Европа!

После пет месеци откако низ Европа тргна елиминациската рунда во најелитните две клупски натпреварувања Лига Европа и Лигата на шампионите, конечно дојде редот за рестарт на сезоната во која Стариот континент на еден досега невиден и поинаков начин треба да ги добие освојувачите на пехарите. Од вечерва, па се до 23 август кога ќе се одигра финалето во Лигата на шампионите, речиси секојдневно светската фудбалска јавност ќе ужива во најелитниот фудбал во моментов.

Доигрувањето на сезоната во ек на глобалната пандемија од коронавирус, која три месеци буквално сите нè заклучи во карантин, стартува вечерва со четири меча од реванш осминафиналната рунда во Лига Европа, по две во два термини од 18.55 и 21 часот, за да се добијат првите четири тима што во Германија за пет дена ќе го започнат фајнлејт турнирот во второто по ранг натпреварување.

И доигрувањето тргнува различно. Интер и Гетафе во Гелзенкирхен ќе играат само еден меч, зашто првиот воопшто и не го удрија откако Италија и Шпанија станаа првите најголеми жаришта на ковид-19. Останатите три меча ќе се играат на терен на гостите од првите дуели, а вечерва сепак фокусот ќе биде во првата од двете шпанско-италијански пресметки. Манчестер јунајтед има само формален меч со ЛАСК Линц после триумфот со 5-0 во Австрија, а Шахтер по триумфот како гостин со 2-1 против Волфсбург, сега во Киев ќе го заверува четвртфиналето. Копенхаген е домаќин на новиот турски првак Истанбул Башахшехир и ќе брка гол негатива од првиот меч, па после пресметката на Интер, како еден од најголемите фаворити за трофејот со незгодниот Хетафе, овој дуел на „Паркен“ е втор што треба да понуди поголема неизвесност и возбуда.

Со денешниот рестарт на европскиот клупски фудбал, во месец кога пауза е во најсилните европски лиги, првпат светската јавност ќе има шанса да се изнагледа елитен фудбал буквално секојдневно. Утре се играат преостанатите четири осминафиналиња од Лига Европа, а веќе од задутре и во сабота, ќе се доиграат четирите заостанати осминафиналиња во ЛШ и потоа тргнува уште поспектакуларната завршница во која буквално секој меч е – финале.

Никогаш досега европскиот фудбал не бил во ваква ситуација, а корона-кризата направи тотален хаос, а веќе е познато и кој со кого ќе вкрсти до крајот на сезонава во Лига Европа на патот до финалето закажано за 21 август во Келн.

ДЕНЕСКА
18.55 часот

Копенхаген – Истанбул Башахшехир (0-1)
Шахтер – Волфсбург (2-1)
21 часот
Манчестер јунајтед – ЛАСК Линц (5-0)
Интер – Хетафе (Гелзенкирхен)

УТРЕ
18.55 часот

Баер Леверкузен – Глазгов Ренџерс (5-1)
Севилја – Рома (Дуизбург)
21 часот
Базел – Ајнтрахт Франкфурт (3-0)
Вулверхемптон – Олимпијакос (1-1)