Николов: Уживам да играм пред преполн стадиони и страстни навивачи!

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов, кој зимоска замина во унгарски МОЛ Види е на 90 минути и есенва да игра во големото друштво на Стариот континент, најмалку во групната фаза во Лига Европа, откако со својот тим одиграа реми 1-1 на гостувањето во Малме во првиот меч од третото коло во квалификациите за Лигата на шампионите.

На Николов посебно му лежи Малме, затоа што лани им даде гол во дресот на Вардар на гостувањето, а потоа уште еден за да ја запечати победата со пресврт (3-1) во Струмица, по што црвено-црните почнаа да ја пишуваат историјата и на крај игра во групите во најмасовното натпреварување.

„Атмосферата во Малме беше жешка, но баш ми е драго што не влијаеше на нас. Јас се обидов да им го пренесам искуството од пред една година кога играв со Вардар на моите пријатели, за тоа што треба да очекуваме. Вистина е дека и многу други соиграчи како Дарко Лазовиќ и Марко Шќеповиќ, исто така играле на големи стадиони. Јас сакам вакви мечеви, кога има полни трибини, кога играме пред страсни навивачи. Ние едвај се слушавме на теренот, но не бевме дојдени да разговараме туку да играме фудбал“, посочил Николов.

Македонскиот фудбалер за врска посочи дека МОЛ Види одиграл тактички феноменален меч и дека на крајот најважен е резултатот, а не кој ќе даде гол. Николов имаше две шанси, кои не ги реализираше, ама потенцира – и голманот да даде гол, само да успееме.

„Одигравме тежок меч, ама тактички – феноменален! Но, мора да останеме цврсто на земја, затоа што не очекува реванш. Мора да останеме концентрирани и да играме како на првиот меч, само така може да поминеме во плејофот. Јас имав две шанси со Малме, кои ги промашив, но ремито е добар резултат, а за нас и голманот може да даде гол само да успееме“, додава Николов.

Унгарците идната недела на домашен терен ќе бркаат пласман во плејофот во ЛШ, што би значело сигурен пласман во групите во Лига Европа, а шанса преку 180 минути со подобриот од дуелот Селтик – АЕК Атина да се борат и за место во европската елита сезонава.