(Не)возможна мисија: Манчестер сити и Рома сонуваат за сензација во ЛШ!

Само двапати во историјата на Лигата на шампионите се случило некој тим да надомести три или повеќе голови негатива во завршните елиминации на патот кон финалето во европската елита, па Манчестер сити и Рома вечерва (20.45 часот) ќе се обидат да направат сензација и да ја надополнат огромната негатива од три гола разлика по првите четвртфинални мечеви со Ливерпул (0-3) односно Барселона (1-4).

Пред „граѓаните“ и римјаните е (не)возможна мисија, но фудбалот одамна покажал дека ништо не е сигурно, па вечерва се очекува пеколни мечеви, посебно на островското дерби во битката за полуфиналето, сооглед дека Манчестер сити со извонредниот тим предводен од Пеп Гвардиола е способен да му врати на Ливерпул за тешкиот пораз пред една недела.

Досега во историјата, само Ла Коруња и Барселона успеале да направат сензации за кои никој и не се надевал. Ла Коруња во сезоната 2003/04 успеа против Милан да надомести 1-4 и победи на „Риазор со 4-0. Барселона, пак, во минатата сезона го креираше најепскиот пресврт во историјата по дебаклот во Париз кај ПСЖ со 4-0, победувајќи со 6-1 во реваншот во меч кој го добија во последните седум минути со три гола. Дали Манчестер сити и Рома се кадарни за таков пресврт ќе покажат вечерашните двобои.

Најголемиот дел од светската јавност со исчекување ја очекува островската пресметка на „Итихад“ за да види дали Гвардиола има моќ да го надмине дебаклот на „Енфилд роуд“. Интересно, дури четирипати екипата што го елиминирала тимот на Гвардиола во елиминациите во ЛШ на крајот стигнала и до европската круна (само Атлетико Мадрид во 2015/16 и Монако во 2016/17 не успеале да ја следат традицијата), па навивачите на Ливерпул се надеваат дека прескокнувањето на оваа пречка може да ја врати славата во градот на Битлси.

„За да одиме во полуфинале потребен ни е перфектен меч, да создаваме шанси, да бидеме многу прецизни и да му дозволиме на Ливерпул малку можности. Сите овие услови мора да ги одработиме перфектно. Но, во фудбалот сè може да се случи. И ако примиме гол, не смееме да се откажеме. Многупати досега создававме многу шанси во краток период, но нора да имаме врвна реализација“, вели Пеп Гвардиола, менаџерот на „граѓаните“

„Црвените“ имаат огромна предност, но за да бидат сигурни за полуфинале ќе мора да постигнат гол(ови) за да не дозволат, одбраната да биде на стрелиште и Манчестер сити да игра викторија пред нивниот гол.

„Ако беше како што сите очекуваа во овој двомеч тогаш ние ќе бевме на пола пат до елиминација, но сега ќе играме со гордост, да покажеме заби. Кога загубивме со 5-0 на почетокот на сезоната, беше јасно дека тие се фантастичен тим, но во фудбалот нема перфектен тим. Знам дека тие може да примат гол(ови), како и ние што знаеме да примиме голови, па... Во фудбалот ништо не е сигурно. Јас едвај чекам да почне мечот“, вели Јирген Клоп, менаџерот на „црвените“.

Ако шансите на Сити за да надополни три разлика постојат, кај Рома речиси и да ги нема, но римјаните се надеваат дека ќе се повтори 2002 година и нивниот триумф со 3-0, кој би им донел полуфинале. Иако загубија убедливо, во таборот на „волчицата“ не се откажуваат, а нарака им оди фактот што Барселона на гостувањата не победила, а и Лионел Меси бил тивок (само два гола).

„Запомнете, Барселона не е изградена преку ноќ. Овој тим е граден со години, а не пред пет-шест месеци. Тоа е главната сила на Барселона. Ние треба да се обидеме да ги сведеме грешките на минимум, да одиграме со страст“, вели Еузебиот Ди Франческо, тренерот на Рома

Во каталонската гордост свесни се дека работата не ја завршиле, па највуваат дека ќе играат на „Олимпико“ како да е 0-0.

„Не смееме да мислиме дека веќе ја завршивме работата. Имаме одличен резултат, но не е ништо годови. Одиме да играме како да е 0-0, затоа што сè може да се случи. Наша цел е да победиме и на овој меч и за ништо друго не размислуваме. Јас секогаш мислам дека можеме да загубиме на ист начин како што победивме. Затоа мора да бидеме сконцентрирани. Имаме многу работи во наша корист, но Рома има добри играчи и мора да бидеме подготвени“, вели тренерот на каталонците, Ернесто Валверде

МОЖНИ СОСТАВИ

МАНЧЕСТЕР СИТИ – ЛИВЕРПУЛ

Манчестер сити: Едерсон – Вокер, Отаменди, Лапорт, Делф – Де Бранје, Фернанињо, Давид Силва – Стерлинг, Агуеро, Сане

Ливерпул: Кариус – Александер-Арнолд, Ван Дијк, Ловрен, Робертсон – Чембрлен, Вајналдум, Милнер – Мане, Фирмињо, Салах

РОМА – БАРСЕЛОНА

Рома: Алисон – Бруно Перес, Манолас, Фазио, Коларов – Пелегрини, Наинголан, Де Роси – Флоренци, Џеко, Ел Шарави

Барселона: Тер Штеген – Серхи Роберто, Пике, Умтити, Жерар Алба – Паулињо, Бускетц, Ракитиќ – Иниеста, Суарез, Меси