Мартинез ги расплака навивачите на Лил, Фиорентина по продолженија подобра од Плзен (ВИДЕО)

Аргентинскиот репрезентативец Емилијано Мартинез уште еднаш потврди дека е специјалист за бранење пенали и е најзаслужен што Астон Вила обезбеди пласман во полуфиналето од Конференциската лига.

Лил вечерва го победи тимот од Бирмингем со идентичен резултат како што загуби пред една недела (2-1), па по 120 минути игра, победникот се решаваше со изведување удари од белата точка. Во пенал серијата, Мартинез одбрани два шута, вклучувајќи го и оној на капитенот Андре во петтата серија и тоа значеше пласман на Вила во следната фаза по што танцуваше пред расплаканите навивачи на Лил.

Во основниот дел од мечот, Лил имаше резултат кој го води во полуфиналето (2-0) со головите на Јазичи и Андре, но Кеш во 87. минута го одведе мечот во продолженија, потоа и на пенали. Во полуфиналето, Астон Вила ќе се сретне со подобриот од двомечот меѓу Фенербахче и Олимпијакос.

Место меѓу четирите најдобри во ова натпреварување обезбеди и и Фиорентина која ја победи Викторија Плзен со 2-0, но дури по продолженијата. Во основните 90 минути, немаше голови, а потоа погодија Гонзалез и Бираги за конечна победа на тимот од Фиренца кој ќе игра со победникот од дуелот меѓу ПАОК и Бриж.