Манчини: Вардар е одличен во одбраната и има многу добар контра-напад!

Тренерот на рускиот гигант Зенит, Роберто Манчини изјави дека неговиот тим е дојден во Скопје да победи, но свесен е дека го очекува тежок меч утревечер на Националната Арена „Филип Втори“ од 21.05 часот.

Според Манчини, Вардар е одличен тим во одбраната, кој има добар контра-напад и според него секој воведен меч во групната фаза е тежок.

„Не можам да го споредам Вардар со никоја екипа од Русија. Сигурно една солидна екипа. Ќе биде тежок натпревар за нас бидејќи првиот натпревар во групата секогаш е со голем товар. Тоа е една комплетна екипа. Не можеме да кажеме како ќе игра Вардар, но знаеме дека е одлична во одбраната и со многу добар контра-напад“, вели Манчини.

Тој посочи дека Олек Шатов и Леандро Паредес не дошле во Скопје поради повреда и дека очекува до понеделник двајцата да се вратат во стројот.

Според Александар Јерохин, тој и соиграчите со голема сериозност влегуваат во дуелот против црвено-црните.

„Со голема сериозност се однесуваме кон Вардар и ја имаме добро проучено играта. Станува збор за организиран тим, кој му даде четири гола на Фенербахче, значи дека станува збор за сериозен противник“, вели Јерохин.