„Лавовите“ му дадоа гол на Алашкерт, ама ќе бркаат два негатива на реваншот

Поранешниот македонски првак Македонија ЃП една цел успеа да оствари да даде гол на гостувањето кај ерменски Алашкерт во Ереван, но за седум дена во Скопје ќе брка два гола негатива за пласман во второто коло во Лига Европа, откако попладнево загуби со 1-3 во првиот меч од воведната рунда во овие летни квалификации во најмасовното натпреварување.

„Лавовите“ за момент ги замолкнаа домашните навивачи кога летното засилување Ален Јашаровски погоди во 52-та минута од мечот на асистенција на Дејан Тантуровски, но само десет миниути се израдуваа ѓорчепетровци и имаа резултат за мерак. Даниел Секулиќ во 66-та го врати Алашкерт во водство на асистенција на стрелецот на првиот гол Никита Танков (16-та минута).

Осум минути пред крајот на мечот, Да Силва Нето си постигна автогол за поубедливо водство на ерменскиот тим и помирен реванш, а пречката беше сојузник на пет минути пред крајот за уште поубедлив триумф на ерменскиот тим.

„Лавовите“ ќе мора да бркаат резултат, што ќе им биде проблем плус зашто ќе мора да тргнат и поотворено и поофанзивно, а патем да мислат на противнапади на противникот. Реваншот Македонија ЃП – Алашкерт се игра идниот четврток од 16.30 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот.

Шкупи ремизираше 3-3 со Пјуник во првиот од трите меча на македонските претставници денеска, откако чаирчани пропуштија да триумфираат во завршните 10 минути, иако имаа два гола предност.