Кој е Зенит? Милениче на Путин и моќно оружје за руското освојување на Европа!

Првиот вардаров противник на дебито на црвено-црните во групната фаза во Лига Европа е рускиот гигант Зенит од Санкт Петербург, клуб во сопственост на рускиот гигант „Гаспром“, петкратен шампион на Русија и бивш освојувач на Купот на УЕФА. Клубот од поранешната руска царска престолнина е едно од миленичињата на рускиот претседател Владимир Путин, инаку роден во Санкт Петербург.

Зенит е формиран во 1925 година и нема богата историја, затоа што во времето на СССР освои само една титула во 1984 година и овој клуб како и сите останати беа во сенка на московските Спартак, ЦСКА и Динамо. По распадот на Советскиот сојуз, Зенит во рускиот фудбал и прволигашкото друштво се враќа во 1996 година, во 1999 го освои Купот за да ја разбие московската доминација, а по доаѓањето на Путин на чело на најголемата земја на светот почнува фудбалската преродба на Русија, но и на клубот од Санкт Петербург.

Фудбалот како најмоќно неполитичко орудие поради глобализацијата, стана од посебен интерес на руската држава, па од 2003 година до 2005 година, на површина магично почна проектот за руското освојување на фудбалска Европа. Се појави Роман Абрамович, кој во 2003 го купи лондонски Челси и го направи гигант со освоена европска титула. Абрамович, интересно, имаше акции и во ЦСКА Москва, која во 2005 стигна до трофејот во Купот на УЕФА, има сега акции и во Зенит, а спонзорот на Зенит пак го спонзорира и Челси.

Моќниот „Гаспром“, кој е под директна контрола на Кремљ, пак, за да се разбие монотонијата од московската доминација во декември 2005 година го купи Зенит плаќајќи 27,9 милион и евра за 51 отсто од акциите, а 25 отсто од истите имаа ќерки фирми на гигантот. Три години, откако „Гаспром“ влезе во Зенит, тимот од Санкт Петербург го направи својот најголем успех во историјата – го освои Купот на УЕФА во 2008 година. Со 2-0 против Глазгов Ренџерс, Зенит го освои пехарот во натпреварувањето, кое подоцна ќе биде реформирано и ќе се вика Лига Европа. Да не биде руската офанзива само на клупско ниво, еден месец по успехот на зенитовcи, националниот тим на Русија предводен од првата ѕвезда Андреј Аршавин (Зенит), кој пред две години се поврзуваше со трансфер и во Вардар, стигна до полуфинале на Евро 2008 во Австрија и Швајцарија. Нецели два месеци по ЕП, Зенит успеа да го освои и Суперкупот на УЕФА победувајќи го Манчестер јунајтед.

Така „Гаспром“ за две ипол години доби толкава промоција, колку што маркетиншки не можеше да ја плати. Смислената игра на Русите заврши со тоа фудбалска Европа да зависи од „Гаспром“, затоа што и покрај сите негодувања, рускиот гигант сега е главен спонзор на УЕФА за Лигата на шампионите, а ги спонзорира и германскиот бундеслигаш Шалке, поранешниот европски првак Црвена Звезда, главен спонзор е на регионалната ракометна лига СЕХА во која Вардар е најтрофеен...

Успесите, моќта, парите во фудбалот во Русија како шлаг го донесоа Светското првенство во фудбал, кое идната година ќе се игра во најголемата земја на светот. По Абрамович во светот се појавија уште низа руски олигарси кои инвестираат во фудбалот - од Дмитри Риболовљев во Монако, преку Антон Зингаревич во Рединг, Александр Чигирински во Витесе, па се до рускиот бизнисмен во Скопје, Сергеј Самсоненко, кој за три години од црвено-црното семејство направи европски ракометен првак во машка, вицепрвак во женска конкуренција, а фудбалскиот тим го донесе до Лига Европа.


Путин на белградска „Маракана“ на пријателскиот меч Ц. Звезда - Зенит

Одамна е познато дека клубот од родниот град на Путин е милениче на рускиот претседател. И на премиерот Дмитри Медведев, кој во еден мандат исто така беше претседател на Русија. Двете најмоќни фигури на Русија се големи навивачи на Зенит, а Путин во Белград, кога „Гаспром“ влегуваше во Ц. Звезда и црвено-белите одиграа пријателски меч со Зенит, посака еден од двата тима да ги види како победници на Лигата на шампионите. Клучниот играч во „рускиот фудбалски проект“ за Зенит е Сергеј Фурсенко, претседател и генерален директор на Зенит. Фурсенко е бизнисмен, поранешен претседател на Руската фудбалска унија (РФУ), а во Зенит е од влегувањето на Газпром. Тој е брат на Андреј Фурсенко, министер до 2012 година во руската влада за образование и наука (осум години беше министер), а нивниот татко Александр, познат историчар беше дел од Руската академија на науките. Семејството Фурсенко имаат блиски односи со шефот на државата Путин, сите се членови на партијата која веќе деценија ипол ја води земјата, „Единствена Русија“. Сите тие се дел од стратегијата за враќање на старата слава на советскиот спорт, особено на тимските спортови и фудбалот, како моќно оружје за промоција на земјата.


Дмитри Медведев (во средина) со првиот човек на „Гаспром“, Алексеј Милер

Гаспром веќе 12 години е спонзор на Зенит, а клубот од 2005 наваму освои четири шампински титули во Русија, три купови, четири Суперкупови, Куп на УЕФА и еден Суперкуп на УЕФА, а во овие 12 години само еднаш не играл во Европа (2007 година). На се, Зенит од неодамна има и свој нов дом, „Крестовски стадион“, на кој се пресели годинава. До тогаш играше на стадионот „Петровски“, а „Гаспром“ и Русија во новиот дом кој ќе биде домаќин на полуфинале на Мундијалот идната година вложи 1,5 милијарди долари и стадионот личи на „вселенски брод“.

Инаку, во Зенит во историјата играле двајца македонски репрезентативци, Величе Шумуликоски во периодот од 2004 до 2006 година (46 меча), како и Драган Чадиковски во периодот од 2005 до 2007 година (четири настапи).