Јаневски: Првиот гол реши сè, но има уште пет меча да собираме бодови!

Тренерот на македонскиот шампион Вардар, Чедомир Јаневски призна дека подобриот дтим денеска заслужено победил, а причина за убедливиот пораз со 0-5 од Зенит на дебито во Лига Европа биле првите два гола во воведните 2- минути од мечот.

Јаневски потенцира дека против екипа како Зенит, две грешки и два примени гола во рана фаза се преголем залак за потоа Вардар да успее да се врати во мечот.

„Денеска го почнавме мечот со 0-1 после пет минути, кога тогаш ќе примиш гол, тешко е да се вратиш, против тим кој е добар, а особено како фаворит како Зенит. Иако имавме голема желба да направиме изненадување, по корнер примивме гол кој не смееше да го примиме. Во 20 минута примивме и втор гол и сето тоа ептен ни ја отежна работата. Јас во соблекувалната на полувреме по 0-3 им реков на играчите да се вратиме на почеток, да ги поставиме линиите поблиску, затоа што во првиот дел нашата висока поставеност Зенит го користеше тоа, добро сораборува Џјуба и Кокорин... Мислам дека во второто полувреме добро почнавме во први 15 минути, не велам дека правевме шанси, но имавме неколку обиди, шутеви, корнери и кога мислиш дека може да се вратиш во меч со гол, ние повторно примаме гол. Недозволиво е по лева страна при два на два да ни дадат четврти гол. По, тоа е тешко да не примиш уште некој гол. Мислам дека подобриот тим заслужено победи и ние треба да извадиме поуки од овој меч, да ги видиме грешките за да не ги повториме на следните мечеви и тие да не ни се случуваат пак. Едно е домашно првенство, сега првпат играме во ваква групна фаза со силни противници, а играчите немаат такво искуство. Тоа искуство треба да го собираме. Има уште пет меча, мора да покажеме уште подобра организација и во одбрана и во напад, сигурен сум дека ќе осојуваме бодови“, рече Јаневски.

Вардаровиот тренер призна дека Вардар со грешките му помогнал на Зенит да победи, а додаде дека во моментов нема многу избор за нападот, како и за замена на Спировски, затоа што засилувањата допрва треба да се вклопат во екипата и во системот.

„Ние знаевме дека играме со силен противник, Зенит е фаворит не само во групата, туку и во ова натпреварување. Ние им помогнавме на нив, со примањето на два гола во краток период. Марковиќ има квалитет, но ги нема поминато подготовките. Многу тешко е за играч кога нема подготовка, да биде спремен. Имаме неколку играчи кои не ги минаа тие подготовки, а сигурно е дека играч како Спировски, кој е воигран, репрезентативец, не е лесно да се замени. Мора да работиме и не смееме да тагуваме. Негов избор беше да си оди. Ние ги имаме Глигоров, Николов, Дарко Велковски, а моја работа е да најдам решение за замена за Спировски. Немаме многу избор и во нападот, немаме многу решенија. Со Максимов уште не е решено, но се надевам дека ќе го имаме брзо за првенството. Денеска голем проблем ни беше преземањето три на три во средниот ред“, додаде Јаневски.