Јаневски: Ако сакаме добар резултат не смееме да примиме гол!

Тренерот на македонскиот шампион Вардар, Чедомир Јаневски изјави денеска на еден ден пред дебито во групната фаза во Лига Европа, дека Вардар во одлична атмосфера го дочекува дуелот со Зенит, на кој фудбалерите не смее да ги понесат емоциите и против Русите да одиграат многу внимателно.

Вардар дебитира во групната фаза, што е историски прв меч за макеоднскиот фудбал, откако црвено-црните минатиот месец ја испишаа историјата со пласманот во второто по ранг натпреварување.

„Утре е историски меч за Вардар и за македонскиот фудбал. Ние се подготвуваме за да направиме историски резултат, иако знаеме дека играме со Зенит, за кого уште по извлекувањето реков дека се фавори. Станува збор за добар колектив, кој има добри индивидуалци, кој има неколку интернационалци, пред се аргентински напаѓачи. Ние овие денови направивме анализи на Зенит, многу добро ги анализиравме и можам да кажам дека во одлична атмосфера се подготвуваме за овој дуел и јас се надевам дека утре пред навивачите ќе одиграме добар меч и на крајот сите задоволни ќе го напуштиме стадионот“, рече Јаневски .

Вардаровиот тренер посочи дека само Евгениј Новак не конкурира за дуелот откако се повредил на вчерашниот тренинг.

„До вчера беа сите фудбалери присутни и здрави, но вчера имавме мал пех со Новак кој не беше доволно залечен и не играше на последниот меч со Силекс. Со лекарскиот тим решивме тој да биде со нас, но нема да игра“, вели Јаневски.

Потенцира дека фактот што Зенит два меча не дал гол, не смее да ги залажува затоа што Русите имаат тим полн со добри индивидуалци

„Зенит е добар, со добри индивидуалци, точно е дека два меча се без гол, но не треба тоа да не лаже. Сепак, нивните поединци може во секое време да се разбудат. Подготвени сме, работевме многу тактички и тоа што е најважно – мора да бидеме внимателни. Не треба да не носат емоциите, да мислиме дека по нивните две ремија ќе биде лесно. Ние треба да играме своја игра, да играме на наш квалитет и само така може да се надеваме на добар резултат“, вели Јаневски.

Тој додаде дека Вардар ќе тргне офанзивно, но офанзивата не секогаш зависи само од црвено-црните, а за добар резултат потенцира дека – не треба да се прими гол

„Јас секогаш сум сакал да играме офанзивно, но, исто зависи како ќе играме и од противникот, од нивниот квалитет, кој може да те натера да играш на друг начин. Нивната силина ќе зависи како ние ќе се поставиме. Формациски остануваме исто, а најважно е во мечот ако сакаме позитивен резултат, да не примиме гол. Сите заедно да се браниме, а кога ќе имаме топка со 4-5 фудбалери да доаѓаме во завршница. Тоа е најважен модел кој ќе го форсирам во Вардар“, заврши Јаневски.