Италија против Албанија ја почнува одбраната на тронот, Хрватска на мегдан со Шпанија

По вчерашната премиера на Европското првенство во која домаќинот покажа моќ и со 5-1 ја совлада Шкотска, денеска е првиот ден на континенталниот собир кој ни носи три натпревари. Денот почнува со мечот меѓу Унгарија и Швајцарија, следува дербито Хрватска против Шпанија, а денот се затвара со дуелот меѓу актуелниот европски шампион Италија и Албанија.

15:00 Унгарија – Швајцарија

Со натпреварот меѓу Унгарија и Швајцарија ќе биде комплетирано првото коло во Групата А. Според имињата на репрезентациите ова е најнеатрактивниот дуел на денот, но тоа не значи дека нема да видиме добар фудбал.

Швајцарија е благ фаворит поради искуството кое го има на последните големи турнири, но Унгарија е во постојан напредок, има создадено компактна репрезентација која знае што сака. Кој ќе го добие денешниот дуел ќе направи голем чекор кон осминафиналето на Европското првенство.

18:00 Шпанија – Хрватска

На Олимпискиот стадион во Берлин се игра дербито на денот, дуелот меѓу Шпанија и Хрватска. Хрватите под водство на Златко Далиќ знаат како се стигнува далеку на големите турнири, во составот имаа искусни волци како Лука Модриќ на кого му е сѐ јасно во фудбалот. Sвездата на Реал Мадрид е главниот мотор на тимот не само поради фудбалските квалитети, туку и поради мотивациските вештини, способноста да го извади најдоброто и од соиграчите.

Шпанија на ова Европско првенство е сместена во групата на фаворити од сенка. Де Ла Фуенте создава селекција која допрва треба да блесне. Во составот има млади играчи како Јамал, Вилијамс, Педри… чие време допрва доаѓа, но има и искусни момци како Мората, Родри, Начо…

Обложувалниците ѝ даваат мала предност на Шпанија, но очекувањата се дека ќе гледаме неизвесен дуел, а која селекција и да победи, нема да биде изненадување.

21:00 Италија – Албанија

Денот ќе биде затворен со дуелот на актуелниот Европски шампион, Италија, и нашиот западен сосед, селекцијата на Албанија. Натпреварот се игра во Дортмунд на „Сигнал Идуна Парк“, а информациите велат дека Албанците ќе имаат поголема поддршка од публиката. Еуфоријата кај нив е на исклучително високо ниво, па Германија ќе биде преплавена со навивачи на оваа репрезентација.

Италија иако го брани тронот, не е меѓу фаворитите за освојување на Европското првенство, но не беше и во Англија кога го освои. Лучано Спалети е искусен тренер кој со својот претходен ангажман во Наполи донесе титула. Италијанците немаат состав кој предизвикува страв, но тие секогаш ќе бидат селекција од врвот. Денеска против Италија се сериозен фаворит и сѐ освен нивна победа ќе биде изненадување и лош старт за Азурите на првенството.