Гвардиола против Динамо ќе ги одмори ѕвездите, но има изненадување за Адеми и дружината!

Хрватскиот шампион, екипата на Динамо, за која настапува и македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, во среда на домашен терен ќе го одигра клучниот натпревар во групната фаза во Лигата на шампионите, во кој ќе се соочи против англискиот гигант Манчестер Сити.

„Граѓаните“ на едно коло пред крајот обезбедија пласман во нокаут фазата, па менаџерот Пеп Гвардиола реши да одмори некои стандардни играчи за овој натпревар, меѓу кои и Кевин де Брујн и Рахим Стерлинг. Но, затоа, во првиот состав се очекува да истрча 19-годишниот Фил Фоден. Тој своето деби за „сините“ го имаше на 17-годишна возраст и е дефинитивно голем талент, но оваа сезона немаше премногу минутажа бидејќи конкуренцијата во Сити е навистина голема.

Тој е подготвен и ќе игра во среда. Неговото време доаѓа и ние ќе го видиме на следните натпревари, истакна Гвардиола за Фоден.

На првиот натпревар на „Итихад“, Сити славеше со 2-0, а Фоден влезе во игра во 91-та минута и постигна гол во 95-та, па токму затоа Шпанецот смета дека тој треба да биде вистинско изненадување за хрватскиот првак.