Грнчаров: Сега веќе нема што да загубиме, а можеме само да добиеме

Капитенот на македонскиот шампион Вардар, Бобан Грнчаров посакува продолжување на победничката серија на домашен терен во пресрет на пресметката со Зенит на дебито на црвено-црните во Лига Европа утревечер на Националната Арена „Филип Втори“.

Вардар забележа три победи како домаќин со Малме (3-1) во Струмица и со Копенхаген (1-0) и Фенербахче (2-0) во Скопје.

„Играме против доста квалитетна екипа, која секоја година игра во Европа. Зенит во 2008 го освои овој пехар и тоа доволно покажува каква за екипа станува збор. Ние сме дебитанти, но сакаме да покажеме и на макеоднската и на европската јавност дека играме квалитетно и офанзивно. Играме дома, пред наша публика и се надевам дека ќе дојдат да не поддржат. Досега имавме три победи дома, па се надевам утре на четврта победа. Нема што да загубиме од овој меч - може само да добиеме!“, вели Грнчаров.

Капитенот посочи дека иако целта била пласман во ЛШ, историскиот настап во Лига Европа не е ништо помал за Вардар.

„Ние на почеток на сезона сакавме да влеземе во ЛШ, но не успеавме, откако одигравме слабо во Копенхаген. До тогаш игравме добро и потоа следеше тој слаб меч. Ова е историски настап за Вардар, а Лига Европа не е ништо помалку од ЛШ. Сите сме презадоволни во клубот од управа до играчи. Не можам да кажам на какво место ќе бидеме во групата, но ако победиме утре и на првото гостување освоивме бодови, ќе почнеме да мислиме и повеќе“, додава Грнчаров.