Газдата на Ливерпул „кукал“ дека платил премногу за Салах - испадна дека го добил за џабе

Вечерва на „Енфилд роуд“ ќе се сретнат Ливерпул и Рома во рамки на првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампиони. Најмногу внимание ќе привлече Мохамед Салах не само поради неговата фантастична форма, туку и поради фактот што до минатото лето го носеше дресот на „римската волчица“.

Еѓипќанецот сезонава постигна 31 гол на 33 натпревари во Премиерлигата, а во Лигата на шампиони погоди девет пати на 12 натпревари. Ливерпул за неговите услуги плати 43 милиони евра. Претседателот на Рома, Џејмс Палота за „ЕСПН“ изјави дека газдата на Ливерпул, Џон Хенри му се жалел дека платил премногу за Мохамед Салах минатото лето.

„Тој (Џон Хенри) на некој начин ми 'кукаше' дека платил премногу за Сала. 'Дали го преплативме? Мислам дека плативме премногу за него', велеше тој. Но, јас кратко му одговорив, 'ајде те носам на ручек'“, изјави Палота.

Сега од оваа перспектива изгледа дека Рома го продаде Салах за мали пари, но италијанскиот тим и немаше премногу избор, бидејќи договорот на фудбалерот му истекуваше за една сезона, а негова била желбата да се врати во Премиерлигата.

„Ние не сакавме да го продадеме Салах, но тој влегуваше во последната година од својот договор и можевме да го загубиме за беспари, а впрочем и негова желба беше да се врати во Премиерлигата за да се докаже и дефинитивно го направи тоа. Имаше и други клубови кои го бараа, но не по таа цена. Очигледно е дека пропуштија да добијат голем играч“, завршува првиот човек на Рома.