
Фудбалер со македонско потекло стана најмлад евро-стрелец во историјата на Звезда
Освен што го постигна единствениот гол за својот тим, во 32. минута, Костов има највисока оценка од сите фудбалери на „црвено-белите“, а можеби и тоа не би било ништо чудно, ако не се знае дека има само 17 години. Роден на 11 мај 2008, офанзивниот играч од средниот ред дебитираше во првиот тим во мај годинава и досега одигра само 11 натпревари.
Со постигнатиот гол на Драгао, Костов стана најмлад стрелец во историјата на Црвена Звезда кога станува збор за меѓународните натпревари и петти најмлад во постоењето на Лигата Европа. Помлади од него се само Ромелу Лукаку, Икер Муниаин, Жорти Мокио и Дезире Дуе.
Она што е најинтересно за нас, Костов има македонско потекло и македонски пасош, но роден е во Белград и настапува за младинските репрезентации на Србија при што не е исклучено наскоро да дебитира и за А-селекцијата. Во минатото, ФФМ се обидуваше да го наговори да игра за Македонија, но не успеа во својата намера и Костов веќе има 15 настапи за репрезентациите на Србија од 15 до 19 години.