
Беќири: Шкендија е подготвена, добро го анализиравме ТНС!
Утре со почеток од 20 часот Шкендија му гостува на ТНС во Велс во првото коло од квалификациите во Лигата на шампионите.
Ова ќе биде вторпат како на мегдан излегуваат Шкендија и ТНС, првите натпревари беа одиграни во 2018 година и беа многу необични. Првиот меч го доби ТНС со 4-0, па Шкендија дома победи со 5-0 и се пласираше понатаму.
„Комплетно сме подготвени да се соочиме со утрешниот противник. Од почетокот на подготовките работевме многу сериозно и по ждрепката се подготвувавме за утрешниот меч. Верувам дека тимот и фудбалерите ќе го дадат најдоброто од себе утре“, вели тренерот Јетон Бекири.
„Верувам дека добро ги анализиравме, гледавме и неофицијални мечеви кои беа снимени со непрофесионални камери. Но верувам дека ги добивме вистинските информации. Имаат три или четири промени во тимот, но играат во стандардната формација која ја користат. Мислам дека им ги дадовме вистинските информации на фудбалерите кои очекувам утре да го дадат максимумот и да оствариме позитивен резултат“.
Капитенот Бесарт Ибраими размислува слично како и тренерот Бекири.
„Го знаеме ТНС како противник, ги анализиравме и ги знаеме нивните позитивни и негативни страни. ГИ знаеме од минатото и имаме позитивни спомени бидејќи ги елиминиравме, среќни сме што повторно играме со нив и се надеваме дека ќе го направиме истото“, рече Ибраими на денешната прес-конференција.