Барсегјан: И Фенербахче беше многу силен па го победивме!

Два дена остануваат до европското деби на македонскиот шампион Вардар во групната фаза во Лига Европа против руски Зенит, поранешен освојувач на трофејот во Купот на УЕФА, а црвено-црните фудбалери со нетрпение ја очекуваат пресметкта на Националната Арена „Филип Втори“ (21.05 часот).

Вардар има максимален ефект на домашен терен летово, победувајќи ги Малме (3-1), Копенхаген (1-0) и Фенербахче (2-0) на патот кон историскиот меч. Вардарци сега се подготвени за уште еднаш да покажат дека заслужено играат на големата сцена и најавуваат дека ќе дадат сè за да остварат позитивен резултат.

„Ерменскиот Хулк“, Тигран Барсегјан даде два гола во квалификациите и посакува добрите резултати во Скопје да продолжат.

„Низ досегашните натпревари во Европа, покажавме дека имаме добар тим и дека можеме да се носиме со секого. Особено на домашен терен каде што остваривме три победи во исто толку натпревари. Се надеваме дека таа серија ќе продолжи и против Зенит. Играме против многу силна екипа, но така беше и со Фенербахче, па ние победивме и на двата натпревари. Во Скопје заедно со нашата публика, можеме да направиме уште еден голем резултат“, вели Барсегјан.

Тој ги повика сите навивачи на црвено-црните да ја исполнат Националната Арена и да им дадат ветер во грб на играчите на дебито против фаворизираниот противник, кој на ждрепката беше во првиот шешир.

„Повеќе публика, тоа подобро за нас. Тие се нашиот 12-ти играч, ни даваат мотив да играме и да се претставиме во најдобро издание. Ние ќе им се оддолжиме со максимална игра и се надевам на крајот со победа. Дојдовме до групната фаза и сега треба да мислиме како да освоиме што повеќе бодови во натпреварите кои претстојат. Исто така во овој натпревар влегуваме во добра серија од пет победи која се надеваме и посакуваме да продолжи“, додава Ерменецот.