Адеми: Денешниот ден не е баш среќен за мене!

Капитенот на Динамо Загреб и македонски репрезентативец, Аријан Адеми посочи дека не е денешниот ден баш среќен за него и покрај одличниот настап со гол и асистенција во ремито 2-2 против македонскиот првак Шкупи.

Одигра Адеми одличен меч, беше клучен играч на „модрите“, а Динамо беше на чекор до барем минимална победа, но еден кикс на голманот Доминик Ливаковиќ на крајот ги остави без победата.

„Имавме контрола на мечот, направивме добри шанси, но ете 2-2, грешките нѐ чинеа многу и ќе мора многу подобро во Скопје. Никакво потценување немаше, зашто одлично влеговме во мечот, 20 минути бевме феноменални, сите стоевме на нивна половина, ама после тој мој промашен зицер како да влеговме во криза, па примивме гол од грешка. Но, нема што да жалиме, нѐ чека меч во Копривница со Славен за три дена, па гостување во Скопје. Задоволен сум од тоа колку мечеви имам одиграно за Динамо, колку гола во Европа имам дадено, ама овој ден не е баш среќен за мене, и покрај тоа што дадов 12-ти европски гол и имав асистенција“, рече Адеми по мечот.