„Сите напредуваат со крупни чекори, за жал - Македонија е во огромен пад!“

Најуспешниот македонски селектор во историјата Игор Ангеловски, човекот под чија палка ланското лето Македонија првпат играше на едно големо натпреварување, Еуро 2020 е ваш и наш стручен коментатор за Светското првенство во Катар и ги анализира збиднувањата на најголемиот фудбалски фестивал. Ангеловски беше македонски селектор пет ипол години и сега, од Хрватска, каде што моментно престојува, посебно ќе ја долови атмосферата од кај актуелните светски вицешампиони.

Досегашниот тек на Светското првенство е на задоволувачко ниво, тоа што се очекуваше фудбалски и ги оправда очекувањата, а и изненадувањата се дел од тие очекувања, но најважно е што се потврди дека сите напредуваат фудбалски.

Се приближи квалитетот меѓу селекциите и се потврди дека секој секого може да победи без оглед на минатото, традицијата, се потврди дека фудбалски (по)малите земји може да победуваат.

Од друга страна, како негативности од ова СП видов во судењето. Судијата од Замбија (Белгија – Канада 1-0) немаше свој ден, требаше уште еден пенал да ѝ досуди на Канада. Вчера дискутабилен пенал беше досуден врз Роналдо. Негативна е и таа некултурна изјава на селекторот на Канада, мислам дека треба да се има достоинство кон секој чинител во фудбалската игра, од противникот, судиите, навивачите. Морам да го истакнам и како негативно однесувањето на иранските навивачи кои си ја исвиркаа сопствената химна.

Има предолги продолженија, за кои ФИФА и Пјерлуиџи Колина дадоа објаснувања. Причините за тоа се објаснети, но факт е дека има премногу дополнување во мечеви каде нема неизвесност. Од друга страна, случувањата надвор од фудбалот и тоа мешање на политиката очигледно дека се рефлектира врз репрезентациите. Видовме Иран доживеа дебакл, Германија изгуби. Секако дека тоа има големо влијание врз репрезентациите. Јас сум за спортот и фудбалот без политика, политиката е на политичарите и не треба да се користи во фудбалската игра.

Квалитетот на селекциите е изедначен, ама очигледно е дека сите напредуваат со огромни чекори, од првенство во првенство. Ете, за Канада сите очекуваа дека ќе биде за поправање на гол-разлика, а одигра одлично со Белгија. Саудиска Арабија требаше исто така да биде за поправање гол-разлика, а тие тактички и квалитетно ја надиграа Аргентина. Сите напредуваат, а за жал ние не знаевме да го искористиме моментот после настап на Европско првенство, после победата над Италија... Нашата селекција наместо да го надоградува тоа што се создаде, сега е во огромен пад. Но, за тоа одговор треба да дадат тие што ја водат, зошто е тоа така?

Сите селекции на ова СП играат физички и тактички, како одигра С. Арабија пред сè на тактички план е за пофалба. Јапонија ја чекаше шансата, ја имаа и среќата на своја страна. Канада против една Белгија која е во кругот на фаворити беше доминантна, а колку фудбалери знаеме од Канада – Дејвис од Баерн, Борјан од Ц. Звезда и уште два-тројца., останатите не се познати. Но, со стратегија и со работа може да парираат, тоа значи имаат стратегија, план за развој, младински категории од каде да црпат репрезентативци.

Видете што се случува со нашите млади селекции, катастрофи со порази со четири, со шест примени голови, а утре тие треба да бидат А-репрезентативци. Сè оди надолу, резултатски заостануваме.

Сè уште е рано да се каже дека нешто се смени во делот на фаворитите за СП, Бразил покажа дека е фаворит, јас и во најавата реков дека е еден од главните за златото. Шпанија и Франција тргнаа исто така импресивно. Шпанците дадоа седум гола, на тренинг е тешко да се дадат седум гола и тоа откако ја направија таа смена на генерации. Франција, да не занемариме без колку фудбалери игра и што сè им се случи со повредите, а тие и после негатива победија убедливо и само го покажаа својот ментален и фудбалски квалитет.

Од друга страна, Германија и Аргентина ги видовме во различни изданија. Германците имаа шанси за гол и можеа да победат, не беа надиграни, но Јапонија ја чекаше својата шанса и ја дочека за да направи епски пресврт. Аргентина за разлика од Германија одигра слаб меч и Саудијците беа тактички перфектни. Селекторот Ерве Ренар беше одличен и тој го доби мечот, фантастично ја спреми својата селекција, презема ризик и заслужено победи. Од друга страна селекторот на Аргентина, Лионел Скалони имаше голем дисбаланс во селекцијата, можеби потценувачки и пресуверено влезе Аргентина во мечот, ама... Со Меси, Ди Марија, Лаутаро, Пау Гомез, Де Пол, сè се тие фудбалери кои немаат дефанзивни карактеристики, Саудијците успеаа со високо излегување да го скратат просторот, да не може топката да дојде до нив во нападот. И затоа заслужено победија, чиста тактичка победа на Ренар. 

Сите очекуваа дека Хрватска ќе победи, но Мароко одигра одлично во дефанзива. Не беше Хрватска полетна каква што сме навикнати да ја гледаме, посебно тој среден ред со Модриќ, Брозовиќ, Ковачиќ, Перишиќ на крило, еден од најдобрите во светот. Сите во Хрватска очекуваа победа и се самокритични дека не одиграле на ниво. Таа самокритика е добра, зашто ве тера да сте подобар и мислам дека ќе бидат подобри. Канада им е следен противник, тие беа подобри од Белгија, иако загубија, па тој меч за Хрватска сега е да се биде или не за нив. Мислам дека имаат огромно искуство, како репрезентативно, како клупски, што сè Модриќ има освоено со Реал Мадрид, па да не ги набројувам другите и знаат како треба да се одигра, знаат колку им значи таа победа и мислам ќе успеат да победат. Плус што таа некултурна изјава на канадскиот селектор дополнително ќе ги мотивира.

Србија, менталитет добро познат за нас. Заминаа во Катар дека ќе бидат светски шампиони и тоа им се удри од глава. Но, не е тоа што загубија од Бразил проблем, туку тоа што селекторот Стојковиќ ризикуваше со ровити фудбалери како Митровиќ, Влаховиќ..., па сега освен што загубија, под знак прашалник е дали ќе играат на вториот меч. А, пораз во вториот меч е 99 отсто дека потоа нема шанса да поминеш во следната рунда. Ќе почнат критики од јавноста и се надевам дека нема психолошки да паднат. Јас ја почитувам Србија и сакам што подалеку да стигнат, но на вториот меч ќе мора да се кренат психолошки пред сè.

Таа еуфорија што се создава ни е позната и тоа не може да се спречи, таков народ сме и ние, такви се и Србите. Секогаш е добро да сте оптимист, но треба да сте реален оптимист. Јасно е дека еуфоријата се создаде после победата со Португалија на гости, за да се освои групата, да се оди директно на СП. И после таква победа јасно е дека очекувањата од јавноста се големи, ама мислам дека требаше да одат меч по меч. Сега е лесно после битка да се зборува, но можеби требаше Стојковиќ да ги одмори ровитите за овој меч со Бразил. Сепак, Пикси е голем оптимист и мислеше дека може да го победи Бразил.

Многу ме разочара мечот Уругвај – Кореа (0-0) зашто и двете селекции имаат добри индивидуалци, Сон, Ким од Наполи во Кореа, Валверде, Суарез, Њуњез.. во Уругвај, но премногу резервиран меч одиграа. Од друга страна изненаден сум од Холандија и Ван Гал. Холандија секогаш играла 4-3-3 офанзивно, сега тргнаа со систем со тројца стопери односно со 5 во дефанзива и рутинирано победија со Сенегал. Но, очигледно е дека Ван Гал сака да оди на резултат, а убавината која ја красела Холандија да е во втор план. Исто така и Швајцарија одигра на резултат со Камерун, кој се обиде нешто, но не претерано, па Швајцарија со „нивен камен по нивна глава“ ги победи.

Мое мислење за во иднина е дека после ваков прв круг, ФИФА и УЕФА треба да размислат мечевите од иста група и во второто коло да се играат во ист термин за да нема калкулирање, една селекција игра во 11 претпладне, другите вечерта. Мислам дека кога би се играло во исто време, ќе има уште повозбудливи мечеви, нема да се тактизира и секој ќе оди на победа, зашто нема да знае за резултатот од другиот меч.