Роналдо: Не е време сега да зборуваме за иднината!

Најдобриот светски фудбалер Кристјано Роналдо се враќа дома, како и неговиот најголем ривал Лионел Меси, двајцата без даден гол во елиминациските фази на Мундијалите, по поразите вчера од Уругвај со 1-2, односно Франција со 3-4 во осминафиналните мечеви на СП во Русија.

Роналдо спектакуларно го почна турнирот, со хет-трик против Шпанија, потоа со гол за победа со Мароко и – тука застана. Со неговите четири гола, Португалија некако стигна до осминафиналето, но таму вчера беше незабележлив. Сега, на 33 години, светската јавност веќе ја поставува дилемата – дали за Роналдо заврши мундијалската ера?

Португалецот има четири настапи на Светските првенства, даде седум гола, па прашање е дали ќе го гледаме во Катар за четири години, кога ќе има 37. Останува втор најдобар португалски стрелец на Мундијалите, зад Еузебио кој има девет. Селекторот Фернандо Сантош најави дека Роналдо е амбициозен и нема туку така да се повлече од репрезентацијата, но...

По неуспехот, Роналдо не сакаше премногу да говори за иднината.

„Не е време сега да зборуваме за фудбалери, селектори...Португалија останува еден од најдобрите тимови со добри фудбалери. Имаме фантастична група на млади и многу амбициозни играчи и од таа причина јас верувам дека селекцијата ќе биде силна“, рече Роналдо