Ибрахимовиќ откри колкави се шансите да настапи на СП (ФОТО)

Златан Ибрахимовиќ речиси две години се наоѓа во интернационална пензија, но сега вели дека има шанси да настапи на Светското првенство во Русија за селекцијата на Шведска.

Тој се повлече од репрезентацијата по Европското првенство во 2016 година и ги прескокна мундијалските квалификации исто како и баражот со Италија. Сепак, во последно време се зголемуваат шпекулациите дека Ибра би можел да излезе од пензија за да го одигра своето последно Светско првенство.

Швеѓанецот се огласи на „Твитер“ и ги „запали“ навивачите.

„Шансите да играм на Светското првенство се зголемуваат“, напиша 36-годишниот фудбалер.

Низ медиумите се појавија информации дека ФИФА може да му забрани на Ибрахимовиќ да игра на Светското првенство, бидејќи е дел од сопственичката структура на една компанија за обложување. Фудбалерот во интервју за „Еуроспорт“ нагласи дека ФИФА нема никакво право да му забрани да игра на Мундијалот.

„ФИФА нема да ме сопре, ако сакам да одам на СП, тогаш ќе бидам таму. Тука не се прашува ФИФА, се прашувам јас и ќе видиме дали сум доволно подготвен да играм во Русија“, рече Ибрхимовиќ. 

Со 62 гола на 116 натпревари, тој е најдобриот стрелец во историјата на шведската фудбалска репрезентација за која играше од 2001 до 2016 година.