ФИФПро: Загрижени сме од едностраните одлуки да се намалуваат платите

Светското здружение на фудбалери (ФИФПро) ја истакна сериозната загриженост дека клубовите во светот, а најмногу низ Европа веќе почнаа со намалувањето на платите на фудбалерите и тоа од 30 до 50 отсто, но најзагрижени во светското здружение се поради тактиве еднострани одлуки.

Иако има примери каде клубовите и фудбалерите заеднички се договориле за намалување на платите или нивно замрзнување во периодот додека трае паузата поради пандемијата со коронавирус, најголем дел се чисто клупски одлуки да се исечат платите како мерка за да се спречи длабока финансиска криза на клубот.

„Добивме еден куп пораки за да им помогнеме на фудбалерите, чии плати се намалуваат и во моментов се трудиме да им помогнеме на сите национални здруженија на фудбалери да се справат со проблемот. Иако бевме презадоволни од разговорите со различните главни фудбалски чинители од клубовите, лигите, федерациите, УЕФА, загрижени сме од едностраните постапки на многу клубови за да се намалат сериозно платите без меѓусебен договор. Ние сакаме да им порачаме на сите клубови да седнат со националносо здружение на фудбалери во секоја земја и да најдат заеднички јазик во заеднички интерес на сите, а не одеднаш и без консултации да се носат најразлични одлуки“, објави ФИФПро.

Неодамна беше објавено дека ФИФПро, ФИФА и клубовите (ЕКА) се согласиле за намалување на платите за 50 отсто, но официјално нема таква потврда, а во моментов договори на играчите или се замрзнуваат, или се намалуваат, а има и такви што веќе ја раскинале соработката.