ВАР во Македонија од септември за – мундијалските квалификации?

Видео-технологијата (ВАР) ќе се користи од септември и во Македонија, но не во Првата лига, туку во мундијалските квалификации, како дополнителна помош за арбитрите во битката за места на најголемиот фудбалски настан догодина во Катар.

Регионалната телевизија „Спортклуб“ ја објави веста откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) веќе испратила циркуларно писмо до сите федерации за воведување на ВАР во мундијалските квалификации, откако во воведните три кола во март не се користеше, а еден спорен момент ги одбележа квалификациите со непризнаениот чист гол на Кристијано Роналдо во Белград во мечот Србија – Португалија (2-2).

За воведувањето на ВАР во мундијалските квалификации УЕФА изгласа уште пред две години, но проектот за видео-технологијата не стапи на сила зашто удри пандемијата со коронавирус, па ФИФА не го потврди сето тоа, потоа образложувајќи дека пролонгирањето на воведувањето на ВАР е чисто од безбедносни и логистички причини.

Ни ФИФА, ни УЕФА засега официјално не се огласија за ова септемвриско воведување на ВАР, но според најавите наскоро сето тоа ќе го сторат и ќе објаснат како и на кој начин ќе се користи видо-технологијата во продолжението на квалификациите.

ВАР во Македонија се користеше ланскиот октомври кога го игравме полуфиналето од баражот за пласман на Еуро 2020 со Косово во Скопје (2-1).

Македонија во септември ги игра веројатно трите клучни мечеви во трка најмалку за бараж за пласман на СП, со Ерменија и Романија дома, а со Исланд на гости во периодот од 1 до 8 септември.