Селекторот на Шведска: Ибрахимовиќ е добредојден во репрезентацијата

По враќањето во Милан, Златан Ибрахимовиќ би можел да се врати и во репрезентацијата на Шведска за Европското првенство кое се игра во текот на летото.

Искусниот 38-годишен напаѓач се збогува со репрезентацијата по ЕП 2016 во Франција како најдобар стрелец со 62 гола. Иако селекторот Јан Андерсон, одби да зборува за евентуалното враќање на Ибра во репрезентацијата пред СП во Русија, тој сега најави негово враќање.

Бев тажен и разочаран кога ме нападнаа со расистички изјави, но тоа сега е зад нас. Ако сака да се врати во националниот тим, тој е добредојден. Отсекогаш велев дека кога играчот ќе реши да замине во пензија, неговата одлука треба да се почитува. Но, ако тој се премисли, може да ме побара за да разговараме. Ова важи за сите играчи, вклучително и Ибрахимовиќ, изјави Андерсон во интервју за „Фотболсканален“.

Италијанските медиуми пишуваат дека Ибра има пет месеци во Милан за да го убеди својот селектор дека сè уште може да игра на високо ниво, а доколку е фит, можно е неговото враќање во шведската репрезентација на ЕУРО, каде ќе игра во групата Е со Шпанија, Полска и една селекција од Лигата на Нации.