Ребров задоволен од дебито: Сами оценете дали 3-3 е добар резултат со една Германија!

Новиот украински селектор Сергеј Ребров после дебито со реми 3-3 во Бремен против најтрофејната европска нација Германија, порача секој сам да оцени дали резултатот е добар, во пресрет на доаѓањето на Украина во Скопје на евроквалифкацискиот меч во петок против Македонија од 20.45 часот.

Ребров посочи дека е задоволен од својот прв меч со што почнува неговиот мандат како селектор на Украина, додавајќи дека најмногу го задоволува бројот на создадени шанси, но жали што не дале уште некој гол повеќе.

„Сами запрашајте се дали 3-3 со Германија е успех! Ова беше пријателски меч, а мислам дека создадовме доволно шанси и можевме да дадеме уште повеќе голови. Ова беше важен меч за Украина, исто така и за мене многу важен зашто е прв и многу ми е драго што фудбалерите многу сериозно му пристапија на мечот. Мислам дека покажавме многу“, рече Ребров.

Украина против Германија покажа извонредна транзиција во контранапад, но и многу слабости во одбраната посебно од стоперот Матвиенко.